Брегу: Западен Балкан разединет тоне, обединет опстојува


БиХ – Извозот од Западен Балкан во последните 10 години се зголемил за 142 отсто, а најголем дел бил пласиран во земјите членки на Европската унија, изјави вчера во Сараево Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), на годишниот состанок на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Брегу додаде дека слична е состојбата и со странските инвестиции. Тие имаат нагорен влезен тренд, наспроти излезниот, а најголемиот дел инвестиции доаѓаат од компании во Европа.

– Поделените пазари не можат многу затоа што се мали, секои со свои проблеми. Меѓутоа, заедно можат да бидат интересен пазар и затоа треба да бидеме свртени кон регионалната соработка, бидејќи токму со тоа ги одржуваме стабилноста, соработката и мирот во регионот, истакна Брегу.

Таа нагласи дека „во прилог на тоа зборуваат и две бројки од годинешното издание на Балканскиот барометар, истражување на јавното мислење и на бизнис заедницата што го спроведува РСС“.

– Имено, првпат во последните четири години повеќе од половина од граѓаните, 56 отсто, веруваат дека европската интеграција би ги подобрила нивните животи, а дури 70 отсто е бројот на оние кои веруваат дека тоа побрзо би се остварило преку регионална соработка, додаде Брегу зборувајќи на посебен собир што го организираа ЕБОР и Европската унија.