Брегалница во долниот тек изобилува со бактерии од фекално потекло
Реката Брегалница во долниот тек е загадена, а нејзината вода е од класа четири, покажаа мерењата на лабораторијата „Амбикон” и на Здружението „Медиа плус”. Според добиените резултати, оваа река во делот на штипскиот регион е на ниво на канализациска мрежа, бидејќи водата е богата со бактерии од фекално потекло.
Весна Коловска од Здружението „Медиа плус” за МИА вели дека во соработка со универзитетскиот професор Ѓорѓи Димов од лабораторијата „Амбикон” при Универзитетот „Гоце Делчев”, во текот на минатата година имаат правено мерења во три наврати.
– Примероците за анализите се земени од едно мерно место во близина на населбата Балканска, на почетокот на терасните седименти, во кои се изведени бунарите за водоснабдување на градот Штип, во три различни периоди од годината кога се менува водостојот, вели Коловска.
Универзитетскиот професор Димов забележува дека мерењата покажуваат оти постои голем комунален притисок на реката Брегалница и тоа од нетретираните води од канализациска мрежа и индустриските води.
– Мерењата покажаа дека ефектот на сезонска промена на квалитетот на водата е најалармантен кај микробиолошкото загадување, со присуството на колиформни бактерии од фекално потекло и Ешерихија коли. Квалитетот на водата е меѓу трета и четврта класа според бактериска контаминација. Нивото на растворени метали е под пропишаните максимално дозволени вредности за прва или втора класа, со исклучок на железото, вели Димов.
Тој посочува дека висока е концентрацијата на фосфор, што според заклучоците од мерењата, може да се должи на лошите земјоделски практики со прекумерна употреба на ѓубрива, нетретирани комунални води, бидејќи фосфорот е посебно присутен во детергентите и средствата за хигиена, како и поради испуштањата води од фарми или од пречистителни станици. Концентрацијата на вкупниот фосфор се забележува во есенските мерења, со што водата ја става во Класа 4. Класа 4 се однесува на силно еутрофична, загадена вода, која во природна состојба може да се употребува, само по одредена обработка.
Коловска објаснува дека пролетниот мониторинг е извршен во време на поголем водостој, а летниот и есенскиот во време на ниска кота на нивото на реката.
– Теренските примероци во сите три мерења ги зеде професорот Ѓорѓи Димов, во близина на населбата Балканска. Локацијата е избрана така со цел да биде на почетокот на терасните седименти во кои се изведени бунарите за водоснабдување на градот Штип. Во овој период земени се три проби од водата за хемиска анализа, три проби од речниот седимент и две проби од водата за микробиолошка анализа. Хемиските анализи (органолептички и физичко хемиски својства) на овие композитни проби се извршени во лабораториите на УГД – Штип, а микробиолошките анализи во Центарот за јавно здравје – Штип, вели Коловска.
Во Брегалничкиот регион има само две големи прочистителни станици за отпадни води
Брегалница е втора река по должина во земјава со 225 километри и има шест притоки. Изминатите години оваа река доживеа повеќе еколошки инциденти, а граѓаните на Штип беа сведоци на нејзино побелување. Риболовците и новинарите информираа и за помори на риби, почнувајќи од Берово и Делчево, завршувајќи во нејзиниот долен тек кај Штип. Загадувањето беше со различни хемиски супстанци, кои реката ја обојуваа во црвена, црна или сина боја, а на одредени места се појавуваа и мрсни дамки.
На дебатата „Во потрага по загадувачите на реката Брегалница”, организирана од страна на Здружението „Медиа плус”, присуствуваа универзитетски професори, кои работат на оваа тематика, но и граѓански активисти, локални и државни инспекциски служби, како и граѓани. Во моментов по течението на реката Брегалница има само две големи прочистителни станици за отпадни води во Берово и Кочани, но не и во Штип, во долниот тек на реката, каде што живее и работи голем број од населението од источниот регион и се изградени најголемите индустриски капацитети.
Универзитетската професорка Петра Поп-Ристова при презентацијата на Планот за управување на реката Брегалница, донесен во 2016 година, истакна дека тој не само што не се имплементира, туку воопшто и не е усвоен од државата.
– За период од 10 години, требаше да се изградат повеќе пречистителни станици, но и денес освен тие во Кочани и Берово, нема други, изјави Поп Ристова.
Решение освен во прочистителните станици, според неа, треба да се бара и во други алтернативни решенија, посочувајќи го примерот којшто се повеќе се прифаќа и применува во светот со решенија засновани на природата.
– Станува збор за природни мочуришта создадени со помош на човекот, покрај речните корита коишто овозможуваат природно прочистување на комуналните, индустриските води и загадувањето од земјоделството и штитат од ерозија. Тука се и пловечките острови, со иста функција, вели Поп Ристова.
Таа посочи дека позитивни примери со користење на овие решенија засновани на природата се применуваат и се вградени во Кина, каде води од петта категорија се прочистуваат до втора-трета категорија.
Во неколку наврати претходните, но и актуелниот градоначалник на Штип, како и ресорните министри најавуваа дека прочистителна станица во Штип ќе се гради со европски пари. Но, засега на терен нема ништо од оваа инвестиција, која треба да биде изградена на реката Брегалница под бањата Кежовица, што би ги опфатила сите отпадни води.