Бред Пит : Новиот маж е поранлив


САД – Бред Пит ја мери состојбата на филмската индустрија.

Педесет и петгодишниот Пит и Леонардо Дикаприо ги играат главните улоги во најновиот филм на Квентин Тарантино, филмот „Беше еднаш во Холивуд“, приказна која се одвива баш во периодот кога следбениците на Чарлс Менсон ги убиваат актерката Шерон Тејт и нејзините пријатели во нејзиниот дом во Калифорнија. Во интервју за „Сандеј тајмс“, Пит се сеќава како неговите родители, Џејн и Вилијам Пит, споделиле со него како овие убиства влијаеле на начинот на кој луѓето гледале на златната доба на Холивуд.

„Кога моите родители го опишаа случајот, тоа беше како крај на оваа идеализирана револуција“, изјави тој за „Сандеј тајмс“.

„Моите родители сè уште се хипици, но тоа беше губење на овој сон. Како што го опишува Квентин, вие ја прикажувате оваа утопија, но околу платното има мувла што го донесе мракот на човештвото во игра и стави крај на многу од надежите на моите родители за тоа како тие би можеле да ја внесат таа идеологија за ‘љубов и мир’ во остатокот од светот. Сето тоа се сруши на некој начин и стави крај на толку многу нешта што дури и некои сметаат дека било заговор. Тоа беше комплетниот крај на една ера – и се случи сè во еден момент“, изјави Пит.

Прашан дали нешто друго го има „потресено Холивуд“ колку убиствата на Менсон, Пит одговара: „Харви Вајнстин. Може ли да го кажам тоа?“

Во октомври 2017 година, Харви Вајнстин, главен филмски магнат во тоа време, беше обвинет од голем број на жени за сексуални напади и лошо однесување, вклучувајќи ја и поранешната свршеница на Пит, Гвинет Палтроу. Вајнстин „недвосмислено негираше“ дека направил кое било од тие дела.

„Тајмс“ го притисна Пит да го објасни својот одговор и го праша дали тој одговор се однесува на „слична загуба на невиност во свет кој бил заштитен и на кој се гледало со восхитување“.

„Повеќе мислам на тоа дека се менуваме, но на добар начин“, реагира тој.

Исто така, за време на интервјуто Пит зборува за тоа како тој чувствува дека идејата за машкоста се сменила во филмската индустрија.

„На почетокот на мојата кариера ги сакав Мики Рурк и Шон Пен. Ги сакав затоа што имаше цврстина во нив, но тие исто така беа и ранливи, сурови и отворени и јас секогаш го ценев тоа“, споделува тој. „Она што го гледам сега е нова машкост, особено со луѓе кои поминале низ Холивуд и неговото менување, нов маж кој е поранлив. Не зборувам за мекост – мислам на човек што поседува свои недостатоци и е свесен и отворен за нив. И ранлив, со вистински чувства, наместо обидувајќи се со сила да биде силен мачомен. Но можеби е само до мене во моите подоцнежни години,на својот пат, проектирајќи се себе на сите останати“, додаде тој.

Пред објавувањето на интервјуто за „Тајмс“, Пит зборуваше со ЕТ за тоа како е да се работи со Дикаприо, чија кариера е со слична траекторија како и неговата со децении.

„Тој е добар човек, а јас сум навистина среќен што конечно се повлече судската наредба за приближување, така што бевме во можност да работиме заедно“, се пошегува Пит, кој воедно е и татко на шест деца.

„Не, тој е прекрасен човек. Ние потекнуваме од истите кругови и навистина се восхитувам на неговиот вкус и неговите избори. Јас сум навистина среќен што се наредија коцките да работиме заедно“, вели Пит.