Бразил ја извади војската на границата со Венецуела поради несогласувања околу регион богат со нафта


 Бразил ги засили одбранбените акции долж својата северна граница додека го надгледува територијалниот спор меѓу соседите Гвајана и Венецуела, соопшти вчера Министерството за одбрана.

„Министерството за одбрана ја следи состојбата. Засилени се одбранбените дејствија во северниот пограничен регион на земјата, со што се промовира поголемо воено присуство“, се наведува во соопштението, пренесуваат агенциите.

Одлуката на Бразил да премести повеќе свои воени ресурси на северот од земјата доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Венецуела и Гвајана околу регионот богат со нафта познат како Есекиба или Есекибо, што сочинува повеќе од две третини од вкупната копнена маса на Гвајана.

Тврдењата на Венецуела за Есекибо, што се извор на долготраен територијален спор, повторно се разгореа во последниве години откако Гвајана откри нафта и гас во близина на поморската граница. Овој регион опфаќа повеќе од две третини од вкупната територија на Гвајана.

Венецуелците на 3 декември ќе гласаат на референдум за „правата“ на Есекибо. 

Меѓународниот суд на правдата (МСП) се очекува утре да донесе одлука за барањето на Гвајана за поништување на референдумот. Владата на Венецуела соопшти дека ќе продолжи со постапката без разлика на се.

Венецуела протестираше против тендерот за нафта што Гвајана го почна во септември, тврдејќи дека офшор областите се спорни и дека компаниите што ги доделиле полињата нема да имаат права да ги истражуваат.

Американските медиуми наведуваат дека Венецуела отсекогаш ја сметала Есекиба за своја територија бидејќи тој регион бил дел од неа за време на шпанското колонијално владеење.

Интересот на Венецуела за Есекиба значително се зголеми во 2015 година кога американската компанија „Ексон Мобил“ (ExxonMobil) објави дека пронашла комерцијално исплатливи количества нафта во наоѓалиште крај брегот на спорниот регион.