„Браво“ за Благој Нацоски и студентите на концертот во чест на Пучини во Филхармонија


Со долги овации и извици „браво“ беше награден настапот на нашиот најпознат тенор во светот, Благој Нацоски и најдобрите студенти на мастеркласот што тенорот го одржа на Факултетот за музичка уметност во Скопје, синоќа на концертот „„Пучини 100“ во Македонската филхармонија, во придружба на пијанистката Елена Атанасовска.

Гала настанот за кој се бараше влезница повеќе и кој траеше повеќе од два часа, на најубав начин ја одбележа 100-годишнината од смртта на големиот италијански композитор Џакомо Пучини,  чии опери ( Боеми, Тоска, Турандот и Мадам Батерфлај) се најизведувани во светот, со што почна одбележувањето на Неделата на италијанскиот јазик во светот и кај нас. 

 

Програмата на вечерта ги вклучуваше најубавите арии од оперите на Пучини од кои дел беа  премиерно изведени во државава. Покрај рециталот, во интермецата Нацоски на шармантен начин  нѐ воведуваше и во животот и кариерата на еден од најголемите италијански композитори во историјата и тоа низ анегдоти, приказни и биографски податоци – раскажани на италијански и македонски јазик.

 

Нацоски кој со години живее во Џенова, Италија, особено ценет за неговиот префинет стил при изведбите и извонредната музикалност,  во изминатите години бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија…

Кариерата на Нацоски започнува во 2003 со настапот на сцената на Римската Опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри низ целиот свет како «Сан Карло» во Неапол, «Реџо» во Парма, Операта во Каљари, «Верди» во Трст, «Карло Феличе» во Џенова, Операта во Сасари, Цирих Опернхаус, Баварската Државна Опера од Минхен, Операта во Франкфурт, Државната Опера во Штутгарт, Кралската Опера „Ла Моне“ во Брисел, Канадската Опера во Торонто, Операта во Сиетл, Националната Опера во Прага, Операта во Лимож, Гран Театарот во Екс Ан Прованс, Театарот Бунка Каикан во Токи… Во 2008 е прогласен за „Амбасадор на македонската култура во Италија“. 

Л. Сабит