Братот на Виктор Орбан донесен со лисици во судот
Тој и уште две лица се осомничени дека за пари помагале да им се издадат визи на виетнамски граѓани
Братот на поранешниот премиер на Унгарија Виктор Орбан, Арон, неговата вонбрачна сопруга, како и уште еден осомничен вмешан во скандалот со визи, беа донесени со лисици од полицијата во зградата на Централниот окружен суд во Буда во среда, 11 ноември, кратко по 9,30 часот наутро, објавува унгарскиот портал „Телекс“.
Рошиштето во судот започна во 10 часот наутро, каде што се одлучува за притворањето на Арон Орбан и неговите соработници. Осомничените беа донесени во судот во посебни полициски комбиња, каде што ги чекаа голем број новинари. Сепак, помладиот брат на поранешниот премиер не одговори на прашањата на новинарите. Неколку минути пред десет часот пристигна и адвокатот на Орбан, но Ева Едит Шалхаз не сакаше да даде изјава, туку брзо влезе во зградата, објавува „Телекс“.
Унгарскиот портал потсетува дека Орбан и неговите соработници се осомничени дека им помагале на виетнамските граѓани да стигнат до Западна Европа преку Унгарија во период од неколку месеци во 2024 година.
Според истрагата, тие посредувале во процедурите за издавање визи во унгарските дипломатски и конзуларни претставништва, за што наплаќале таканаречен надомест за регрутирање по лице, а потоа го делеле заработениот приход. Според досегашните сознанија на властите, тие на овој начин им помогнале на повеќе од сто виетнамски граѓани.
Обвинителството побара притвор за Арон Орбан и неговите соработници
Главното обвинителство во Будимпешта побара притвор за осомничените поради екстремната тежина на кривичното дело и високата закана од пет до десет години затвор доколку бидат прогласени за виновни, како и фактот дека осомничените имаат широка мрежа на контакти во странство.
Во понеделник наутро, членови на Центарот за борба против тероризмот (TEK) извршиле рација во имот во Фотлигет, кој е поврзан со компанијата на Арон Орбан. Во заедничка акција на Националното биро за истраги (ННИ) и Националната канцеларија за враќање и заштита на средства (НВВХ), четири лица беа уапсени во Будимпешта, Фот и Дунакеши.
„Телекс“ забележува дека долго време само се шпекулираше дека братот на поранешниот унгарски премиер е меѓу осомничените, сè додека фоторепортерот на весникот ХВГ не го фотографираше моментот кога Арон Орбан беше однесен во притворската единица.
Националната канцеларија за враќање и заштита на средства ги обвини Арон Орбан и неговите соработници за злоупотреба на влијание, додека Националното биро за истраги ги сомничи за шверц на луѓе.
Аферата во врска со Арон Орбан и неговите деловни партнери беше откриена од порталот „Телекс“ уште во мај 2025 година.
Новинарите започнаа истрага за сомнителните соработници на Арон Орбан откако аудио-снимка од братот на поранешниот премиер во кабинетот на премиерот како разговара со Дејвид Хеј, еден од доверливите луѓе на Виктор Орбан, беше објавена во јавноста.
Тоа видео откри дека Арон Орбан и неговите соработници биле заинтересирани за посредништво при издавање визи, но дека се соочувале со проблем бидејќи надлежните органи блокирале одредени барања, пишува унгарскиот портал „Телекс“.