Брат не може да го гласа министерот: пратеникот Флорин Бесими го врати мандатот


Не само можниот судир на интереси, туку и истенчување на парламентарното мнозинство за уште еден глас и сведеување на 61 во многу случаи се работите што го натераа Флорин Бесими, брат на Фатмир Бесими кој е предложен за министер за финансии, да го врати пратеничкиот мандат. Флорин беше избран од листата на ДУИ во Шестата изборна единица и како кандидат беше на второт место, веднаш зад лидерот Али Ахмети.

Флорин Бесими преку соопштение ја информира јавноста за својот чекор и наведува дека за потегот се консултирал и со Ахмети.

„Заедно на овие избори направивме голем исчекор и издвоивме историска победа. Заедно успеавме да покажеме беспрекорна организација, дух и мобилизација. За мене претставува посебна чест и одговорност да ве претставувам во Собранието на Република Северна  Македонија, но околностите денес ми наложуваат да донесам сосема друга одлука“, напиша Бесими.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска,  вчера за Алсат М изјави дека за изборот на Фатмир Бесими не може да гласа неговиот брат, без оглед што е народен пратеник, затоа што тоа би бил еклатантен судир на интереси.

https://www.facebook.com/florinbesimiofficial/photos/a.114660380117517/168474108069477/?type=3

Сега на потег е Државната изборна комисија која во рок од три дена по оставката треба да го извести следниот на листата, во случајов Фазли Бедри. Доколку пак Бедри во следните осум дена не потврди дека го прифаќа мандатот за пратеник, ДИК мандатот ќе го додели на следниот на листата кандидати за пратеници.