Бранови се закануваат да урнат куќи во крајбрежните области на Австралија

Огромни бранови, кои ја погодија австралиската држава Нов Јужен Велс, предизвикаа ерозија на одделни крајбрежни области и ги доведоа куќите во опасност од уривање.

Во предградија во северниот дел на Сиднеј брановите уништија огради и дворови на некои куќи, а локалните власти соопштија дека брановите достигнуваат височина и до 11 метри.

Како што се наведува, брановите се предизвикани од силен систем на низок притисок.

Предупредувањето за бранови е издадено за целиот брег на државата во должина од 2.100 километри, а до граѓаните е упатен апел да не се приближуваат до крајбрежието, да не се капат, да не возат чамци и да не рибарат.