Бранко Азески за Доне Танески: „Дојде тивко и остана коморски човек засекогаш“


 

Доне Танески деновиве ја напушти водечката позиција во „Македонија турист“. Застана на чело на Надзорниот одбор. Раководењето со оваа реномирана компанија ја презедоа млади кадри. По тој повод претседателот на Стопанскaта комора на Македонија, Бранко Азески, заедно со Дејан Азески се осврнуваат на кариерата на Танески и неговиот придонес во македонската економија.

„Но, неговата тивкост доминираше над сѐ. Аналитичарите можеби и ќе се сетат на неговата слика од 1994 година кога се потпишаа трите први договори за приватизација со менаџерски откуп. Тоа беше ‘револуција’ во бизнисот“, се посочува во текстот.

„’Македонија турист’ АД Скопје и Доне се едно исто. Започна како рецепционер ги помина сите скалила во работниот процес достигнувајќи до челните функции на оваа наша најголема хотелско-туристичка организација. Во тој процес тој се надгради, усоврши, афирмира како човек кој е посветен на својата струка и не бара никакви други алтернативи. А во својата струка го достигна и она што му успеа на малкумина, беше претседател на Здружението за угостителство и туризам на Југославија. Во Македонската комора беспрекорно ги објавуваше сите свои функции, вели Бранко Азески.

Застанувајќи на чело на Надзорниот одбор еден вака искусен бизнисмен е гаранција за напредокот на „Македонија турист“ на која покрај развојот, перспективите и капиталот ги вгради своите две ќерки во менаџерските структури, посочува тој.

„Многу љубопитни луѓе ме прашувале да го опишам Доне во неколку реченици. Секогаш сум почитувал луѓе кои цел живот се посветиле на својата професионалност. Сум почитувал луѓе кои што тивко и мирно си ја работеле својата работа без да предизвикаат внимание. Сум почитувал луѓе кои водат грижа подеднакво и за семејството и за фирмата и за државата. Но овој човек има во себе уште нешто што е за почит. Почитта што ја искажува кон тебе, кон твојата фамилија, кон твојата фирма и сѐ што е врзано за тебе. Такви луѓе се ретки и тоа го прави на еден многу едноставен и ненаметлив начин. За големите луѓе треба малку да се пишува затоа што за нив сѐ се знае“, вели Азески додавајќи дека Стопанската комора како најголема и најзначајна бизнис заедница во своите редови имаше и има многу луѓе со слични карактерни особини.

„Но, Доне е единствен што покрај него, да ја почитуваат комората ги научи и своите две ќерки Мими и Ана кои остануваат во нејзините структури и секако Соња Бибановска која исто така заслужува респект и почит како и нејзиниот ментор“, посочува Азески.