Бранка Катиќ на „Киненова“: Треба да нѐ поврзува нешто во што навистина сме добри


„Прво филм“ е мотото на меѓународен филмски фестивал Киненова кој годинава официјално ќе се одржува од 8 до 18 октомври.

Фестивалот изобилува со најбогата програма досега, а новост е што во текот на целиот месец ќе се емитува на телевизија 24 од 1 до 31 октомври.

Годинашна ѕвезда на фестивалот е Бранка Катиќ, една од најхаризматичните актерки на бившите југословенски простори, која истакна дека верува дека треба да нѐ поврзува нешто во што навистина сме добри и да учиме од другите.
– Не можеш да го игнорираш општеството во кое живееш и она што во него навистина се случува. За мене би било целосно сеедно кој е на власт, сѐ додека гледам дека таа власт се грижи за својот народ. Не сме толку политички зрели, немаме толеранција, слободни медиуми, слобода на изразување, едноставно немаме простор каде би слушнале поинакви мислења, а тоа веднаш да не биде сфатено како некаква критика на власта – вели Катиќ.
Таа се осврна на периодот на социјализмот во кој растевме.

– Родителите добиваа станови од претпријатијата, здравствените домови беа чисти, лекарите насмеани, факултетите бесплатни и тоа каков успех имаш на училиште одлучуваше какво место ќе добиеш на листата на факултет, а не дали имаш пари да платиш или не. Тешко е од таков социјализам да се премине во овој премин, не знам веќе каде сме, квазинеолиберален капитализам. Тешко е затоа што сите ние сме некако така воспитувани, дека сите сме еднакви и јас во тоа верувам – изјави српската актерка која на прес – конференцијата во Скопје се вклучи во живо.

-Нас кризата дополнително нѐ мотивираше, бидејќи бевме свесни дека имаме мисија да продолжиме и тоа со квалитет повисок од тој кој што сме го поставиле претходно. Оваа година ја имаме можеби најобемната и најквалитетна програма до сега. Филмовите се поместени во 11 програмски целини и тоа: Главна натпреварувачка селекција-Меѓународна конкуренција, Киненова ретроспектива, Посветено на Фернандо Труеба, Посветено на Билјана Гарванлиева, Фокус на Австрија, Награда Лукс на Европскиот парламент, Киненова независни, Киненова специјал, Вон конкуренција, Меѓународна конкуренција на куси филмови, Македонски куси“, изјави директорот Небојша Јовановиќ.

Тој изјави дека фестивалот ја продолжува традицијата да го става фокусот на главната програма, на први и втори филмови на нови режисери од цел свет.

Игор Анѓелков, програмскиот директор на фестивалот изјави дека КИНЕНОВА се приклучува на светскиот тренд кој се наметна и води кон тоа фестивалската програма да се прикажува на телевизија за да можат што повеќе луѓе да видат што нуди Меѓународниот филмски фестивал.

„Оваа година КИНЕНОВА се издвојува по супер квалитетната филмска програма, дебитантите го имаат целото внимание во програмата и пред публиката, а главниот фокус е на европските филмови, односно во фокус е шпанската кинематографија и во сите три филмови доминира Пенелопе Круз“, рече Анѓелков.

Беа објавени и имињата на членовите на двете фестивалски жирија. Голем куриозитет е што оваа година претседател на главното фестивалско жири е прославениот полски режисер Кшиштоф Зануси. Членови на истото жири се: бугарскиот наградуван режисер Драгомир Шолев и Керем Ајан, директор на најголемиот филмски фестивал во Турција, Истанбулскиот филмски фестивал.

Српската актерка  Бранка Катиќ е добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на Меѓународниот фестивал КИНЕНОВА за 2020 година.