Бранителите на Канческа Милевска побараа ослободителна пресуда


Фото: Б. Грданоски

Бранителите на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, која се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување“ во предметот „Тендери“, побараа ослободителна пресуда на денешните завршни зборови во Основниот кривичен суд Скопје.

Адвокатот Сашо Дуковски побара од Судечкиот совет, при оценката на сите релевантни факти, да го има предвид, како што рече, решителниот факт.

– Потенцирам и апелирам до Судечкиот совет, при оценката на сите релевантни факти, да го има предвид решителниот факт, како примарна работа, а тоа е дека за постоење на ова кривично дело, мора да постои бланкетна норма, која обвинетите неспорно ја повредиле, за да воопшто постои кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, рече Дуковски.

Според него, набавката за која се товарат обвинетите е спроведена на таков начин, како што рече, „што обвинетите треба да бидат наградени и пофалени“.

– За ова постои и извештај од Државниот завод за ревизија, каде на ниедно место не е констатирано прекршување, а наградата за тоа е обвинение за „злоупотреба службената положба и овластување“, рече Дуковски.

Тој, како и останатите брамители, побараа од судот, после анализа на сите изведени докази, да донесе пресуда со која обвинетите ќе ги ослободи од обвинение дека сториле кривично дело како соизвршители. 

Канческа Милевска е првообвинета во предметот „Тендери“ во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дека од проектот „Скопје 2014“.

Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.