Бранимир Главаш осуден на седум годинини затвор за военото злосторство во Осиек


 

Жупанискиот суд во Загреб денеска, по повторено судење, го прогласи Бранимир Главаш повторно за виновен за воени злосторства врз српските цивили во Осиек за време на Татковинската војна, за што тој веќе одлежа поголем дел од претходната казна.

Заедно со Главаш, беше осудена и Гордана Гетош-Магдиќ, поранешен командант на вод на специјалната единица за диверзантско-извидувачки цели на Оперативната зона Осиек, на четири години затвор, додека членовите на тој вод, Дино Контиќ и Здравко Драгиќ беа осудени на три години секоја.

Станува збор за неправосилна пресуда на повторното судење на Бранимир Главаш и неговите сообвинети за воени злосторства врз Србите од Осиек во 1991 година во случаите „Гаража“ и „Селотејп“. Претседателот на судскиот совет, Дражен Кевриќ, ја објави пресудата против поранешниот политичар, кој прво беше во ХДЗ, а потоа основаше своја партија и неговите сообвинети.

Заедно со Главаш на соопштување на пресудата дојде и обвинетата Гордана Гетош-Магдиќ, а во судницата не се појавија Дино Контиќ и Здравко Драгиќ.

Поранешниот командант на одбраната во Осиек и неговите сообвинети на почетокот на „последната рунда“ од повторното судење во средината на јануари оваа година во Жупанискиот суд во Загреб, повторија дека не се виновни за воените злосторства против Србите од Осиек во 1991 година во случаи за кои беше дополнет обвинителниот акт поради смрт на двајца обвинети – Ивица Крњак и Тихомир Валентиќ.

На првото судење во 2009 година Главаш и останатите беа осудени на повеќегодишни казни затвор, но правосилната пресуда Уставниот суд ја поништи. Главаш дотогаш најголемиот дел од својата осумгодишна затворска казна ја отслужуваше во затворите во БиХ, каде замина пред да биде изречена првата пресуда.

Но, во јануари 2015 година, Уставниот суд ја поништи правосилната пресуда, а судењето на Главаш и неговите сообвинети повторно почна во 2017 година, а повторно почна од почеток во октомври 2021 година.

Во октомври 2021 година, жупаниското државно правобранителство во Загреб ја отфрли кривичната пријава поднесена од Главаш против некогашниот крунски сведок Крунослав Фехир за убиството на Чедомир Вучковиќ во Осиек во август 1991 година.

За време на првото судење на Главаш, Фехир беше крунски сведок на обвинителството, имајќи предвид дека на 16-годишна возраст во август 1991 година, меѓу другите, бил сведок на мачењето на Чедомир Вучковиќ, кој беше принуден да пие киселина од акумулатор во една од гаражите на тогашниот Секретаријат за национална одбрана во центарот на Осиек.

На повтореното судење Фехир повеќе немаше статус на крунски сведок, туку на обичен сведок, а Главаш го смета неговото сведочење за лажно. Притоа, тој го смета за одговорен за убиството на Вучковиќ, поради што го пријавил, а извештајот е поткрепен и со извештајот на судско-медицинскиот вештак Ѓорѓе Алемпиевиќ од Белград, кој тврди дека смртоносните истрели за Вучковиќ биле истрелите испукани во него од Фехир, а не испиената киселина.