Браната на реката Отиња кај Штип се гради без запирање
Прогресот во изградбата на браната на реката Отиња кај Штип е веќе 60 отсто, а работите одат со силна динамика.
Ова го изјави министерот за транспорт Благој Бочварски, кој денеска изврши увид во работите. Браната е инвестиција на Владата во износ од 300 милиони денари. Со проектот е предвидено да се изведе камено-земјена брана во висина од 33 метри. Таа пред сѐ ќе биде наменета за водоснабдување со технолошка вода за потребите во градот и интервентно дополнување на водоводниот систем со сурова вода.
Министерот Бочварски истакна дека во овој момент се работи на изградба на загатот и на бочниот преливник и дека очекува наскоро да започне изградбата и на телото на браната. „Разговаравме со претставници од изведувачот и надзорниот орган, кои ни ги претставија активностите кои се реализираат на терен при изградбата на овој огромен, капитален проект за Штип и штипјани, проект кој наназад се збори со генерации, но токму оваа Влада обезбеди средства и го гради“, рече Бочварски.

Тој нагласи дека темелниот испуст е веќе завршен, како и инекционата завеса. Вкупниот прогрес на изградба на браната изнесува околу 60 отсто.