Бран банкроти на трговците со модни производи во Германија


Неколку големи трговци со мода во Германија годинава банкротираа. Индустријата доживува историски пад на продажбата, чиј крај не се гледа. Сепак, некои компании имаат корист и од корона кризата.

Галерија Карштат, Кауфхоф, Есприт, Халхубер или Бонита, долг е списокот на трговци со мода кои годинава не успеаја и минуваат низ процедури заради несолвентност, објави Н-тв.

Пандемијата со корона вирусот ја погоди индустријата која веќе ги чувствуваше последиците од триумфот на малопродажбата на Интернет како цунами. А оваа луња сè уште не е завршена. Компанијата за осигурување кредити Еулер Хермес очекува натамошни банкроти во наредните месеци. Пред сè, сезоната на „кисели краставички“ со мал промет од јануари до март ќе биде тест за некои компании, изјави германскиот шеф на осигурителната компанија Рон ван хет Хоф.

– Само оние кои сега можат барем да стават мала перница за време на Божиќните продажби, ќе можат да останат во живот до пролетта.

Но, токму тоа ќе биде речиси невозможно за многу трговци во пешачките зони на градските центри оваа година.

Бидејќи короната и делумното заклучување наметнато во ноември резултираат со празни градски центри за време на важниот Божиќен период. Бројот на посетители на трговските улици веќе значително опадна во последните недели од октомври, според „Хајстрит“, специјализиран за мерење на сообраќајот на клиенти во центрите на градот.

Затворањето на пабови, ресторани, кина, театри и фитнес студија на почетокот на ноември предизвика уште поголем пад на бројот на посетители. Во првите денови на построгите правила зараади короната, продавниците забележаа пад на продажбата до 80 отсто, објави претседателот на Здружението за текстилна трговија (БТЕ) Штефен Јост.

Дополнителна неповолност за индустријата е што големиот ден на попустот, Црниот петок, 27 ноември, најверојатно ќе се падне во период на делумно заклучување.

Кризата влијае на веќе ослабената индустрија. Во првите девет месеци од оваа година, Еулер Хермес веќе забележа осум главни неликвидности во модната малопродажба. Во споредба со претходната година, ова е зголемување за околу 166 проценти, истакна кредитниот осигурител – во време кога банкротите во Германија се намалуваа.

Индустријата со години се бори со длабоки структурни промени – со зголемување на дисконтите за текстил како Примарк и ссо триумфот на малопродажбата преку Интернет. Многу класични текстилни компании веќе имаа проблеми пред пандемијата, како што истакна кредитното осигурување.

Еулер Хермес проценува дека трговците на мало со текстил годинава поради пандемија ќе изгубат од продажбата околу 12 милијарди евра – речиси петтина од годишната продажба.

Според БТЕ, ова ќе биде историски уникатен пад. Корона кризата делуваше како катализатор и немилосрдно ги разоткри силните и слабите страни на одделните компании.

Малопродажбата преку Интернет беше главниот победник во кризата. А нејзините изгледи се добри и за 2021 година, според Еулер Хермес. Потпирањето на Интернет во моментов е особено важно за малопродажбата.

– Оние кои добро се подготвија и инвестираа во структурни промени пред пандемијата, може да имаат корист од бум на Интернет во ерата на Ковид, нагласи експертот за индустрија.

Трговците, во меѓувреме, бараат начини за максимално искористување на тешката состојба. Фактот дека одговорите на предизвиците на пандемијата се многу различни веројатно само покажува колку предизвиците се без преседан.

Шефот на Том Тејлор, Гернот Ленц, на пример, јасно ги отфрли големите кампањи за попусти во трговскиот магазин Textilwirtschaft:

– Во секој случај нема да има масовни намалувања, најави тој.

Последниот голем германски синџир на стоковни куќи, Галерија Карштат Кауфхоф, оди во спротивна насока: според сопствените изјави, таа започна „најголема кампања за попусти во нејзината историја“ по почетокот на делумното заклучување.