„Брако“ го создаде првото возило за чистење во Европа кое испушта вода, место издувни гасови

Велешката компанија „Брако“ ја произведе првата еколошка машина во Европа за одржување хигиена во урбани средини под брендот„Green Machines“ GM 500H2 што работи на водород. Тим од 15 инженери од земјава, во соработка со инженери од Холандија работеа на еколошкото возило за чистење што испушта единствено вода, а не како досегашните издувни гасови.

Директорот на „Брако“ Иле Атанасов изјави дека новата еколошка машина за одржување на хигиена во урбани средини под брендот „Green Machines“ (GM 500H2), чиј погон работи на најчисто гориво – хидроген (водород). – Холандските градови Амстердам, Утрехт и Ротердам се први кои ќе ја одржуваат хигиената со овие велешки еколошки возила кои испуштаат вода, наместо издувни гасови и не загадуваат. Среќен сум дека вроди со резултат нашата посветеност да го намалиме и минимизираме човечкото влијание врз природата и максимално да ја зголемиме ефикасната употреба на ресурсите. Еко-визијата ја препознаа и во преостанатите земји ширум светот, па така интерес за новата еколошка машина за одржување хигиена во урбани средини има и од САД, Велика Британија, Јапонија, но и од скандинавските земји, вели Атанасов.

Компанијата „Грин машинс“ која од октомври 2019 година е во сопственост на велешки „Брако“, има долгогодишна традиција во областа на производството на технолошки напредни и иновативни машини за одржување на хигиената во урбани средини и важи за глобален лидер со врвна репутација. Машината GM 500H2 претставува револуционерно решение и целосно се произведува во Велес, од каде што се извезува низ целиот свет, од Лондон до Сингапур.

Инвестирањето во зелените машини, како и во нови технолошки постројки е дел од поширок инвестициски и развоен циклус во „Брако“, каде што се вработени над 600 лица. Велешката компанија е една од најнапредните технолошки компании и е меѓу најголемите извозници во Северна Македонија чие доминантно производство од 95 отсто е наменето за извоз во над 30 земји.

Годинава и во време на криза и најтешки логистичко-технолошки услови за работа, компанијата успеа да го задржи производството, како и да го зголеми бројот на вработени.

Инвестицискиот циклус во вредност од 8 милиони евра на велешки „Брако“ опфаќа вложувања во напредната технологија на CNC-управувачки машини, инвестиции во нов погон за комплетно еколошко поцинкување, нова опрема за лин-производство, како и нова менза за вработените.