Браќата Тејт, обвинети за трговија со луѓе и силување, пристигнаа на Флорида; ДеСантис: „Не сте добредојдени“

Браќата Ендру и Тристан Тејт слетаа во Форт Лодердејл, Флорида, Соединетите Американски Држави, откако ја напуштија Романија со приватен авион во четвртокот, рече портпаролката на браќата, Матеа Петреску.
„Ние сме невини додека не се докаже вината“, рече Ендру Тејт откако неговиот брат и тој пристигна во Америка.
На браќата Тејт, кои имаат двојно американско и британско државјанство, претходно им беше забрането да ја напуштат Романија откако беа уапсени во 2022 година и обвинети за силување, трговија со луѓе, перење пари и основање организирана криминална група. Тие ги негираа сите наводни неправилности.
Нивниот адвокат Јоан Глига изјави за Си-ен-ен дека браќата ја напуштиле Романија во четвртокот наутро и полетале за Флорида. „Забраната за патување повеќе не важи… Обвинителот на барање на адвокатот ја смени содржината на претходно изречените мерки“, рече Глига.
Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, на прес-конференција во четвртокот рече дека браќата Тејт не се добредојдени во Флорида. „Флорида не е место каде што сте добредојдени со вакво однесување. Нашиот јавен обвинител, Џејмс Утмајер, истражува со какви правни ситуации ќе се соочиме како резултат на ова“, рече ДеСантис. Гувернерот на Флорида рече и дека не знаел дека семејството Тејт ќе дојде на Флорида и дека дознал за нивното пристигнување преку медиумите.
Одлуката на романските власти да ја укинат забраната дојде откако, наводно, САД извршиле притисок врз Букурешт да ги олесни ограничувањата за браќата Тејт, кои имаат силна поддршка на десничарските социјални медиуми и кои го поддржуваа актуелниот американски претседател Доналд Трамп за време на изборната кампања во САД.
Претходно овој месец, Фајненшл тајмс објави дека администрацијата на Трамп извршила притисок врз романските власти да ги укинат патните ограничувања за браќата Тејт, прво во телефонски разговор, а потоа кога специјалниот пратеник на Трамп Ричард Гренел се сретна со романскиот министер за надворешни работи Емил Хурезеану на Минхенската безбедносна конференција во Германија.
Браќата ги бара и полицијата во Обединетото Кралство под обвинение за силување и трговија со луѓе, што тие исто така негираат. Нивната екстрадиција во Обединетото Кралство треба да биде решена по завршување на случајот во Романија.