Брачен пар од Македонија заглавен на граничниот премин меѓу Газа и Египет, МНР бара помош од Каиро
Досега се контактирани 150 наши граѓани од Израел, од кои 60 веќе стигнаа во земјата, а останатите 90 ќе дојдат утре
Досега се контактирани 150 наши граѓани од Израел, од кои 60 веќе стигнаа, а останатите 90 очекувам утре, во текот на денот, сите да бидат вратени во Северна Македонија, информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи. Амбасадата во Каиро, според Османи, е во комуникација со еден брачен пар што се наоѓа во загрозените подрачја во Газа, која е изолирана од страна на Израел, кои се обиделе да излезат преку единствениот отворен граничен премин со Египет, но и тој е затворен сега, така што се уште не е извесно како ќе бидат извлечени од таму и кога.
– Тие во моментот се безбедни. Но, ситуацијата таму е многу променлива и можеме да сметаме дека се во некаков ризик. Работиме и со властите во Египет, за да ги ослободат да излезат, а потоа ќе организираме превоз од Египет. Меѓутоа, засега немаме начин како да ги извлечеме од Газа, изјави Османи.
Дел од граѓаните кои беа затекнати во загрозените подрачја во регионот на Газа ноќеска со авион пристигнале во Атина и веќе се на пат кон својот дом. Во Атина, Османи посочи дека тие биле пречекани од нашата амбасада, од каде со автобус се префрлени до граница, од каде МНР ги презема со возила и ги носи до нивните домови.
– Така беа вратени ноќеска петмина, а утринава дополнително 17 од тие дваесетина што беа во загрозените подрачја пристигнаа веќе во Атина и во моментот се на пат кон Солун и МНР организира превози и ги пречекува на граница и организира превоз до нивните домови, изјави Османи.
Според Османи, првично фокусот бил да се идентификуваат, контактираат и извлечат од загрозените подрачја нашите граѓани, и потоа да се пренесат до Тел Авив, каде аеродромот функционира. Османи, исто така, се заблагодари на Албанија за помошта и посочи дека дел од вратените граѓани се дојдени преку Јордан, Албанија, Турција, Црна Гора и Србија.
Прашан за коментар за информациите од Еврејската заедница во земјава, за наводно загинати тројца македонски државјани во Израел, Османи рече дека, немаат такви информации.