Божествената убавина на „Јоаким Осоговски“


Во еден од најтоплите денови летово ги посетивме Крива Паланка и манастирот „Јоаким Осоговски“, со надеж дека ќе одмориме малку во ладовината на осоговската корија. Сабота, ден меѓу паланчани познат по големата посета од луѓе од соседна Бугарија. Кафулињата покрај Крива Река, која тече низ градот, беа преполни, а градот се чинеше жив.

Заминавме кон манастирот, кој е само на три километри од градот, по кривулест пат кој остро се искачува по планината. Попатните дупки и стеснувања не го намалуваат впечатокот од прекрасната природа. Манастирот кој е сместен во пазувите на планината нè дочека со ширум отворени врати. Има паркинг над него, па може да се спуштите покрај конаците до црквата, но од долната порта натаму се оди по широк пат поплочен со камен. Манастирот се отвори пред нас, а од патеката прво се гледаат препознатливите куполи, а нагоре се сместени конаците во кои може да се преспие.

Иако сместен длабоко во планината која се надвишува околу него од две страни, сепак манастирот е облеан со сонце. Таму стигнавме околу пладне, па единствена мала сенка фрлаше црквата. Штом се скршне лево по скалите, прво се наоѓате пред првата и многу постара црква „Рождество на Пресвета Богородица“. Таа е со една „слепа“ купола, без прозорчиња. На тремот, одлево, има чешма каде што верниците и посетителите може да се напијат вода и да си измијат лице за здравје. Внатре, ѕидовите се прекриени со фрески, а централно се наоѓа масивен лустер. Многубројни белезици со црковни мотиви, синџирчиња, приврзоци за клучеви со ликови на сите светци или со крст, шишенца од неколку милилитри со масло осветено на моштите на свети Јоаким, но и манастирска лозова и сливова ракија, вино, ајвар, слатко од вишни, сливи, кајсии, сапун со најразлични форми направени во манастирот, може да се купат во продавницата.

Десно од неа е големата црква посветена на Јоаким Осоговски. Со прекрасно уредена тераса која изобилува со цветни жардиниери, но и ѕидови однадвор насликани со библиски мотиви, црквата е отворена за сите добронамерници. Во внатрешноста е далеку постудено од надвор, а се слуша и пријатна црковна музика. Црквата е голема, а централно место има светецот на кој е посветена. Штом ќе излезете од неа, низ главната врата погледот ви паѓа на конаците кои се градени од камен и дрво со бели ѕидови. Секој што сака може и да преспие во нив.

Во дворот има неколку фонтани и чешми од кои тече студена, планинска вода. Во продавничката ве пречекува калуѓерка со восочно бело лице и блажена насмевка. Кажува дека ајварот, мармаладите, ракијата и виното, но и сапунот ги прави владиката, а тројцата монаси, жители на манастирот, само му помагаат. Во ресторанот, пак, до кој водат многубројни скали, служат манастирска ракија, сок од вишни и праски направен во манастирот, кој за скопските деца беше „прејак“, па го раствораа со вода. Менито е традиционално, со најразлична скара, салати и прилози, додека цените се пристојни.

Во манастирот неретко се доаѓа и за фотографирање при свадби, па начекавме и една невеста која со сватовите брзаше надолу по скалите. По тие скали се стигнува до паркингот, од каде што по истото кривулесто патче се враќате во градот. Сретнавме неколку паланчани кои секојдневно таму возат велосипед или трчаат.

Манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ се наоѓа на три километри источно од Крива Паланка и датира од XI век.

Билјана Богдановска