Бостонскиот маратон без Руси и Белоруси


САД– Тркачи од Русија и Белорусија нема да смеат да настапат на Бостонскиот маратон на 18 април, поради инвазијата врз Украина, објавија организаторите.

Забраната се однесува на маратонци, кои живеат во Русија и Белорусија, додека иселениците со руско или белоруско потекло можат да учествуваат на трката под услов да не истакнуваат обележја на својата земја на потекло, се прецизира во соопштението од Бостонската атлетска федерација.

– Ние веруваме дека трчањето е глобален спорт, и како такви мораме да сториме сè што можеме да покажеме поддршка на народот на Украина, изјави извршниот директор на Бостонската атлетска федерација Том Грилк, додавајќи оти „организаторите се вџашени и огорчени“ од извештаите и фотографиите од случувањата во Украина.

Во соопштението не се прецизира колку руски или белоруски спортисти се пријавени оваа година. Во 2019 година, 59 од вкупно над 30.000 тркачи, кои настапија на маратонот, беа од Русија и Белорусија.