Бошњачкиот демократски сојуз поднесе кривична пријава против Далибор Китановиќ


Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) денес до надлежните институции поднесе кривична пријава против Далибор Китановиќ, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, поради неговото јавно дејствување со кое се глорифицира и велича Ратко Младиќ, правосилно осуден воен злосторник, се вели во соопштението од БДС што МИА го пренесува интегрално.

Сметаме дека е недозволиво носител на јавна функција со своите постапки и јавни пораки да ги релативизира воените злосторства и да го навредува достоинството на жртвите.

Особено ја истакнуваме одговорноста што ја носи директорот на институција чија основна улога е остварување и заштита на правата на помалите, односно помалубројните етнички заедници во Северна Македонија. Од таква институција и нејзиното раководство очекуваме почитување на сите заедници, нивното достоинство, како и чувствителност кон жртвите на воените злосторства.

Очекуваме надлежните институции да ја разгледаат пријавата согласно закон, да ги утврдат сите релевантни факти и да преземат соодветни мерки.

БДС ќе продолжи да дејствува институционално и да ги користи сите законски предвидени механизми во заштита на достоинството на жртвите, вистината и принципите на одговорност.

Воените злосторства не смеат да бидат предмет на глорификација.

Жртвите заслужуваат почит.

Институциите мора да бидат пример за одговорност и почитување на сите заедници.