Борисов: Следните генерации нема да ни простат што не најдовме компромис


Бугарскиот премиер Бојко Борисов објави на Фејсбук дека денеска се сретнал со специјалниот претставник на македонската влада, Владо Бучковски, и со него заклучиле дека за враќање на довербата мора да се исполнат обврските од Договорот за добрососедство

„Сегашните и следните генерации нема да ѝ простат на Бугарија или на Република Северна Македонија што не најдовме компромис што дава перспектива. За заемна доверба е важно враќање кон стриктно и неповратно исполнување на сите обврски преземени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Бугарија вложи максимални напори земјите од Западен Балкан да бидат вклучени во НАТО и ЕУ и затоа, за време на нашето претседателство со Советот на ЕУ, ја ставивме темата на прво место. Ова го изјавив за време на мојот состанок, кој претходно денес го одржав во Софија со специјалниот пратеник на владата на Република Северна Македонија за Бугарија, Владо Бучковски“, напиша Борисов на Фејсбук.

Во објавеното видео, Борисов му вели на Бучковски дека „нешто се случи пред 6 месеци, можеби изборите кај вас, нашите внатрешни проблеми, тука е ковидот кој го промени цел свет. Северна Македонија е суверена држава и сама може да решава на каков јазик сака да зборува. Ние во Бугарија сме решиле да зборуваме бугарски јазик и така зборуваме. Во Северна Македонија може да решите како сакате да зборувате и никој не може да ви наложи и да ви наметне на кој јазик да зборувате. Никој не го барал тоа од вас, особено јас“.

 

Според него, тве теми ги уплашиле бугарските граѓани: суверенитетот на Бугарија и малцинството. „Овие прашања да им ги пренесеш на премиерот Заев и претседателот Пендаровски. Оставете ги историчарите нека работат, имаме неколку години да најдат решенија. Следните поколенија нема да ни простат ако сега не им дадеме перспектива“, му рече Борисов на Бучковски. Тој бил изненаден од изјавата на неговиот пријател Зоран Заев кој го обвинил дека работел на подигнување на личниот рејтинг и дека Бугарија не го почитувала Договорот за пријателство.

Бучковски го повтори ставот на македонската влада дека „нашето уставно име Република Северна Македонија не значи дека имаме територијални претензии и немешањето во вашите внатрешни работи е дел од Договорот за пријателство и ние тоа ќе го почитуваме. Да ги оставиме историчарите да ја работат нивната работа“.

Подоцна, Бучковски беше примен од претседателот Румен Радев.

Радев изјави дека европската интеграција на Република Северна Македонија не бара обиди за влијание и притисок преку трети земји, туку постигнување вистински резултати во билатералниот дијалог со Бугарија. Еден од приоритетите на германското ротирачко претседателство со ЕУ, кој истекува на крајот на годината, е придвижување за Скопје. Берлин постојано повикуваше на решение, осудувајќи ја бугарската блокада.

„Бугарија никогаш не го оспори демократското право на самоопределување на граѓаните на Република Северна Македонија, но идентитетот на една земја не може да се гради врз омраза кон друга, особено братска земја“, рече претседателот.

Според шефот на бугарската држава, напуштањето на јазикот на омраза кон Бугарија во Македонија и промената на содржината на учебниците ќе биде вистински придонес во градењето добрососедски односи.