Борисов се налути: Штом Бугарија е фашистички окупатор, заборавете на нашата помош


Бугарскиот премиер Бојко Борисов уште еднаш апелираше Северна Македонија да се откаже од, како што вели, антибугарската реторика, доколку сака да влезе во Европската унија.

Според неговите зборови, тој за тоа зборувал и со лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски за време на состанокот во Загреб, пренесува Спутник.

„Вчера разговарав и со колегата Мицкоски. Антибугарската реторика која тие ја користат не само што треба да ја заборават, туку мораат да сфатат дека е погрешна. Не случајно им реков дека доколку некој од нив рече дека Бугарија е фашистички окупатор, тогаш тоа во Бугарија значи дека ние на ниту еден начин нема да им помагаме, бидејќи не бевме окупатори, а историјата нема да се менува. Никогаш нема да дозволам Бугарија да добие таква етикета“, истакна премиерот.

Покрај тоа, Борисов изјави дека пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ останува приоритет за Бугарија.

„Европската интеграција на Западен Балкан во ЕУ останува еден од главните надворешнополитички приоритети на Бугарија, со оглед на тоа дека тоа е средство за постигнување стабилност, мир и просперитет во регионот“, заклучи тој.