Борисов пречекан со највисоки почести

Бугарскиот премиер Бојко Борисов кој престојува во земјава по повод одбележувањето на двегодишнината од Договорот за добрососедство, пријателство претпладнево беше пречекан од премиерот Зоран Заев пред Владата со највисоки државни и воени почести.

– Добредојде за мојот пријател и колега, Бојко Борисов во Влада на Република Северна Македонија. Чест ми што денес, на двегодишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со пријателска Република Бугарија, тука во Скопје разговараме за заедничките постигнувања досега, за тековните проекти кои нѐ поврзуваат и за идеите за заедничката европска иднина- напиша на Фејсбук премиерот Заев, по официјалниот пречек на бугарскиот колега.

Двајцата премиери и владините делегации ќе имаат билатерални средби на кои ќе го разгледаат напредокот на соработката на билатерален и мултилатерален план.

Премиерите Заев и Борисов ќе имаат заедничка прес-конференција во Владата по што ќе заминат во црквата „Св. Спас“ каде што ќе се поклонат и ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев.

Бугарскиот премиер во Скопје ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски.

Предвидено е Борисов и Заев потоа да заминат за Дојран каде што ќе положат цвеќе на споменикот на полковник Константин Каварналиев.