Борисов му зборувал на Османи за преговори со разум, а не со емоции
Според Борисов, геостратегиска цен на Софија била да се најде решение за проблемите меѓу двете држави, но не соопшти што значи тоа
На неочекуваната средба на софискиот аеродром меѓу Бојко Борисов и Бујар Османи, бугарскиот премиер претставил платформа, според која Софија ништо не ја обврзува, а уште помалку да дава ветувања.
Според она што го објави Борисов на својот Фејсбук профил тој му рекол на Османи дека двете земји треба да се подготват за преговори засновани на разум, и да се решат сите противречности меѓу Македонија и Бугарија.
Според Борисов геостратегиска цел на Бугарија била да се најде решение за проблемите меѓу Софија и Скопје, но не наведува каква е таа геостратегиска цел – дали онаа на неговите двајца вицепремиери според кои македонската нација и јазик постојат само по 1944 година. Бугарскиот премиер го кажал она што го споменуваше и друг пат: „Хероите кои го дале животот за слобода, не смее да бидат темата која ќе не разделува, бидејќи нивниот најдлабок сон бил да бидеме заедно и затоа ги дале своите животи. Тие треба да бидат мост на пријателство, а не на разединување“.
Министерот Османи во разговорот нагласил дека треба што е можно побрзо да се одржи состанокот на меѓувладината комисијата, за да се направи пресек на она што досега е исполнето од Договорот за добрососедство од 2017 година. На закажувањето на овој состанок, според османи, се чекал уште извештајот на Комисијата за историски прашања, кој се подготвувал.
Борисов беше на пат кон Виена (попатно застана во Љубљана да го прибере во бугарскиот владин авион словенечкиот премир Јанез Јанша) каде со домаќинот Себастијан Курц и чешкиот премиер Андреј Бабиш имаат заедничка средба околу нивното барање за порамномерна распределба на вакцините во ЕУ. Османи беше на пат за Берн, Швајцарија.