Борисов излезе на слобода и го обвини Петков дека е „сведок на мафијата“


 

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и поранешната советничка за медиуми на Борисов, Севдалина Арнаудова, беа ослободени помалку од 24 часа по нивното притворање. Нивното ослободување значи дека досега не е покренато обвинение против нив.

„Беше брутално и гадно, се вративме во комунизмот“, беа првите зборови на Борисов по излегувањето од притворот. Тој рече дека не бил обвинет. Неговата куќа главно била претресувана, но ништо не било пронајдено. „Тие дојдоа дома додека вечеравме. На крајот установија дека нема ништо и мислев дека си заминуваат кога викнаа – мора да ве уапсиме“, додаде поранешниот премиер.

Според Борисов, „ниту еден милиционер“ не дошол кај него за 24 часа да го сослуша. „Премиерот вика полиција. Тој е сведок на мафијата. Момчињата пишуваат, а тој им вели: ‘Одете да ги приберите зашто можат да скријат докази“, раскажуваше лидерот на ГЕРБ.

Според Борисов, тој бил приведен поради случај во кој бил сослушан во декември. Неговиот адвокат Менко Менков најави дека се работи за апсолутно незаконски дејствија.

Од министерството за внатрешни работи соопштија дека предложиле до обвинителството да се покренат обвиненија против поранешниот премиер, неговата публицистка Севделина Арнаудова и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов. Како одговор, портпаролот на градското обвинителство на Софија рече дека тие не добиле таков предлог. Магистратите упатија критики до МВР дека истражните дејствија се неисправни.