Борисов: Изјавата на Мицкоски е апсолутна провокација
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2024/10/Бојко-Борисов.jpg)
Бојко Борисов, лидерот на владејачката партија ГЕРБ во Бугарија ги оцени вчерашните зборови на премиерот Мицкоски во парламенто како „апсолутна провокација“
„Апсолутна провокација и едноставно не треба да ѝ се обрнува внимание. Министерството за надворешни работи (на Бугарија) реагираше добро, така што – тие тоа можат“, рече Борисов околу изјавата на Мицкоски дека не гледа причина за вклучување на Бугарите во уставот.
Борисов можеби мисли дека не треба да се обрнува внимание на изјавата на Мицкоски, но неговиот коалициски партнер, Слави Трифонов од Има таков народ не е со таков став. На Фејсбук Трифонов беше многу остар.
„Навистина ми е доста од овие луѓе. Не можам да кажам дали сум лут или тажен. Овој Мицкоски е избран демократски. Живо се сеќавам како за време на изборите целата негова изборна кампања беше заснована на омраза кон нас Бугарите. Затоа го избраа. И тој сега зборува вака поради тие што го избрале. Бугарија прва ги призна како држава, и покрај целата наша историја, и покрај сета фикција што ја претставуваат, и покрај сите глупости што ги кажуваат против нас со години, па и наназад… Меѓутоа, таму има луѓе кои се чувствуваат како Бугари. Мора да се грижиме за нив, да размислуваме за нив и да се грижиме за нив. А гореспоменатиот Мицкоски, тие што го избраа и тие што уживаат во тоа што го кажува, што се однесува до мене, сите тие на чело со Мицкоски ќе ја гледаат Европската унија низ искривена макарона. Многу искривена макарона“, напиша Трифонов.