Борисов го повикува Радев да покажел храброст и да ја тргнел блокадата на Македонија


Тупаницата на Радев, која падна врз бугарската демократија, падна и врз нашите меѓународни односи, вели Бојко Борисов

Чудни работи се случуваат во бугарската политика.

Откако неговата партија ГЕРБ, заедно со тогашниот коалициски партнер ВМРО на Красимир Каракачанов, ја постави во бугарското собрание декаларацијата за Македонија и ефективно ја спречи нашата европска перспектива, Бојко Борисов сега бара од претседателот Румен Радев да покажел храброст и да ја тргнел блокадата.

Борисов кој е во Љубљана на состанокот на Европската народна партија во повеќе средби со европските лидери се обидува да се претстави како конструктивен политичар, откако во европската јавност е перцепиран како поранешен премиер чија влада заглави длабоко во корупција.

Пред утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан и четворната средба на Ангела Меркел, Емануел Макрон, Румен Радев и Зоран Заев, поранешниот премиер тврди дека бугарскиот шеф на државата ќе ги лаже европските лидери околу тоа кога ќе биде затворен случајот. Според Борисов, Радев и претходно лажел: „Тој секогаш им ветуваше дека ќе го решат прашањето по изборите, но по кои избори? Тогаш тоа нема да зависи од него, туку од политичките партии што ќе владеат“.

„Може и да најде храброст. Тупаницата еднаш може да е тупаница, а не ‘мека китка’ (бугарски сленг за хомосексуалец). Или може еднаш да преземе одговорност и да не се крие под здолништето на политичките партии“, рече Борисов, по што го обвини Радев дека дејствува бавно и побара од него да донесе конкретна одлука дали Бугарија треба да ја поддржи Македонија за нејзиниот прием во ЕУ.

„Тупаницата на Радев, која падна врз бугарската демократија, падна и врз нашите меѓународни односи. Поминаа многу месеци, се зголемија големи тензии во Северна Македонија. Ниту една земја не е на наша страна во спорот, бидејќи беа испуштени неколку месеци да се објасни во што точно е проблемот. Поколенија млади македонци и Албанци во моментов ја мразат Бугарија. Компромис треба да се направи и можеше да се направи.

Но да бидеме оптимисти. Можеби ќе собере храброст“, рече Борисов.