Борисов го пофали Пендаровски за ставот за Гоце Делчев


Премиерите на Северна Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов, сепак, остварија топла средба во рамки на самитот за Западен Балкан во Познањ (Полска), и покрај заладената комуникација во последните неколку седмици околу заедничкото чествување на Гоце Делчев. Заев, како што пренесуваат медиумите, на шега му дофрлил на бугарскиот колега дека, и покрај тоа што нашата земја стана Северна, температурите се околу 40 степени.

По средбата, Борисов напиша на својот фејсбук профил дека е задоволен од она што е постигнато досега во односите меѓу двете земји и од тоа што вистината за нашата заедничка историја почнува да се кажува јавно од македонски политичари.

– Разговарав со Зоран Заев, премиер на Република Северна Македонија – за постигнувањата и предизвиците во билатералните односи на двете држави. Цело време, од 1992 година до денес, бугарската страна инсистира единствено за објективно пренесување на историските факти. Задоволен сум дека постепено, но се надевам трајно, вистината за нашата заедничка историја, вклучително со Гоце Делчев, почнува да се кажува јавно од политичари на највисоко ниво во Република Северна Македонија, како на пример  претседателот на земјата Стево Пендаровски, напиша Борисов на фејсбук.

По средбата, Заев изјави дека без лидерството на Борисов не би бил можен Договорот за добрососедство меѓу двете земји. Тој го покани Борисов заедно да ја одбележат втората годишнина од потпишувањето на договорот на 1 август и заедно да се поклонат пред споменикот на Делчев.

Премиерот Заев го информира Борисов дека е одобрено поставување споменик на полковник Константин Каварналиев во Дојран. Заев очекува во текот на октомври двете земји заеднички на највисоко ниво да ја одблежат 1005-годишнина од смртта на Цар Самоил. За време на средбата, двајцата премиери се согласиле дека тоа е доказ за ефикасното исполнување на преземените ангажмани од страна на владите преку Протоколот од 10 јуни, потпишан за време на првиот состанок на Меѓувладината комисија.

Борисов најави дека ќе има средба со Пендаровски следната недела во Сараево на состанокот на ПСЈИЕ.

Борисов се осврна и на работата на Мешовитата комисија за историски прашања. Посочи дека бугарската страна уште од 1992 година настојува „за објективно претставување на историските факти“. – Задоволни сме што постепено, а се надеваме и трајно, вистината за заедничката историја вклучително и за Гоце Делчев почнува да се кажува јавно од политичари на највисоко ниво во Република Северна Македонија, како на пример претседателот Стево Пендаровски, истакна Борисов.

Тој најави дека ќе има средба со Пендаровски следната недела во Сараево на состанокот на ПСЈИЕ.

Македонскиот претседател неодамна во интервју на 360 степени изјави дека Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава. Тоа, рече, се историски факти што може да претставуваат компромисен пристап кон ликот и делото на револуционерот, чие дефинирање донесе тензии на релација Софија-Скопје.