Борисов би правел влада со сите, дури и со Преродба. Па им се закани на сите

Ако нема редовна влада во која ќе учествува ГЕРБ неговата партија ќе го блокира носењето на буџетот и усвојувањето на клучните регорми


 

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов во првите коментари по неделните избори ги повика сите партии во парламентот да учествуваат во правењето на редовна влада, но во исто време се закани дека доколку не биде прифатено неговата партија ГЕРБ ќе го блокира носењето на буџетот.

Како партија што доби најмногу гласови ГЕРБ ќе го добие првиот мандат за формирање влада и за да обезбеди поддршка тој ја покани и проруската Преродба да учествува во проевропскиот и прозападен кабинет.

А и на претседателот Румен радев му порача дека ако имал квалитетни предлози да ги предложи за идната влада. Сѐ со цел да им редовен кабинет, а не службен.

Овој пат тој ќе остане пратеник, и како што реше на денешната прес-конференција лично ќе ги води преговорите за формирање влада заедно со своите колеги во партијата.

Откако ги упати овие покани тој закани на сите дека ако нема редовна влада неговата партија нема да гласа за прифаќање на буџетот, ниту ќе се согласи на некакви реформи. Сите разговори за политиките минуваат преку учество во владата, рече Борисов.

„Нашите природни партнери се партиите кои се во зоната на оние кои ја поддржуваат Украина, кои го поддржуваат нашиот влез во Шенген, во еврозоната. За малку ги пропуштивме, сега можеме да го направиме тоа. Ќе ги поканиме апсолутно сите партии што бугарскиот народ ги испрати во парламентот. Најстабилната влада е коалиција меѓу големите партии. Ова го кажав пред изборите“, рече лидерот на ГЕРБ.

Но уште пред овие негови зборови, во вторникот вечерта Продолжуваме со промената на поранешниот премиер Кирил Петков објави дека нема да поддржи кабинет со мандат на ГЕРБ, а потоа Преродба соопшти дека ќе гласа само за една влада – нејзината сопствена.

„Сите партии се виновни за хаосот во државата“, рече Борисов и додаде дека партиите не можат да одлучуваат за нивното учество на власт, водејќи се само од претстојните локални избори.

„Локалните избори немаат никаква врска со управувањето со државата. Важно е во решавањето на проблемот сега да учествуваат и оние кои учествуваа во распадот на државата“, објасни Борисов.

Лидерот на ГЕРБ изјави дека секој што прави тенки калкулации, што сее „омраза“ до локалните избори, ги осудува општините на уништување, бидејќи локалната власт не може да си ги прави буџетите ако нема централен буџет. Најголемиот дел од општините се раководени од кадри на ГЕРБ.

Во случај да се формира кабинет, Борисов вети дека „сите реформи ќе бидат усвоени“, без да прецизира на што мисли.

„Доколку сака може да учествува и претседателот Радев, ако има министри за кои мисли дека можат да помогнат. После мене тој е тој што најдолго владее со државата“, рече поранешниот премиер.

Тој коментираше и дека е против импичмент. И увери дека доколку има редовна влада, шефот на државата ќе си ги гледа неговите претседателски должности.

Потоа ѝ подаде рака на ултранационалистичката Преродба.

„Добредојдени се и од Преродба. Тие се со 102.000 гласови повеќе. Мора да ги почитуваме“

Борисов не објасни како Преродба се вклопува во неговата идеја за влада која ги почитува обврските на Бугарија во НАТО и ЕУ. Но, рече дека никој не смее да ги игнорира успесите на партијата на Костадин Костадинов.

„Имам партнери во Бугарија и Америка, тие се загрижени за тоа што се случува“, изјави лидерот на ГЕРБ.

Според него, народот преку гласањето кажал кој е колку корумпиран.

„Сигурен сум дека ме слушаат. Кој лажеше, народот се произнесе за тоа “, рече поранешниот премиер.