Борис Стојменов ја обвини Општина Центар дека му бара мито за ТЗЗ „Плаза“, Богдановиќ бара извинување


Инцидент во строгиот центар на Скопје се случи денес откако на градилиштето кај ТЗЗ „Плаза“ (поранешно „Беко“), интервенираа полиција и градежен инспектор на Општина Центар кои спречија градежни работници да продолжат со градба на објектот за кој општината тврди дека нема соодветна документација.

На градилиштето беше присутен и сопственикот на локацијата екс министерот за финансии Борис Стојменов, кој ја обвини Општина Центар дека му барала мито од еден милион евра за да продолжи со работа на локацијата на која е предвидено да се гради деловен објект.

Четири години со платени комуналии, платено сѐ, не може да градиме затоа што бараат милион евра мито. Не им давам мито“, изјави тој за ТВ21.

(Фото: принтскрин ТВ21)

Ние имаме одобрение од 2016 година, ни правеа проблеми имаме судска пресуда каде е докажано дека е во ред да се гради од Управен суд. И сега тука упаѓаат надвор од закон надвор од сѐ. Ова само го има во Македонија. Полиција да се меша во градење, тоа е нонсенс“, додаде Стојменов.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, во реакцијата вели дека доколку некој му побарал мито на Стојменов и има докази за тоа, случајот треба да го пријави во јавното обвинителство. Истовремено, како што додава, бара од Стојменов јавно извинување за изнесените тенденциозни тврдења, а во спротивно ќе поднесе соодветни пријави.

Богдановиќ преку Фејсбук истакна дека денешната акција на надлежните институции била поради тоа што инвеститорот не го почитувал решението за отстранување на градба кое било донесено уште на 26 февруари годинава.

Инвеститорот не поседува одобрение за градење на градбата. Во определените три дена инвеститорот не ја остранил градбата и затоа, на 28.04.2020 година овластениот градежен инспектор носи заклучок со кое решението е извршно. Инвеститорот со заклучокот требал сам да ја отстрани градбата во спротивно, тоа ќе се стори по административен пат на сметка на инвеститорот“, вели Богдановиќ.

Тој додава дека на 08.05.2020 година со записник од извршен инспекциски надзор, градежна инспекција на Општина Центар го затвора градилиштето кое е оградено, поставена е лента за спречување на натамошна изградба и на јавно место е истакнато дека е затворено од градежна инспекција, а инвеститорот има рок од 30 дена да ја усогласи натамошната изградба или да ја отстрани градбата. Овој заклучок е поради фактот дека инвеститорот и покрај претходно донесените заклучок и решенија продолжил со градба на објектот. И покрај сѐ, инвеститорот самоволно ја отстранил лентата за заградување на објектот и служебниот знак со кој е затворено градилиштето и продолжил со градба, наведува Богдановиќ.

Инвеститорот и покрај тоа што е донесено решение и заклучок за уривање, и затворање на градилиштето по член 136 од Законот за градење, на насилен начин го отстранил знакот за затворање на градилиштето. Поради тоа во присуство на полиција денеска од градилиштето се отстранети затекнатите работници и согласно закон, против инвеститорот ќе се поведе постапка пред надлежните органи, вели Богдановиќ на Фејсбук.

Инвеститор е Друштво за економски консалтинг – „Економско биро“ ДОО Скопје, кој на местото на некогашнагта стоковна куќа „Беко“ гради деловен простор – објект од втора категорија со димензии 61 на 34,5 метри. (Н.В.)