Борис Џонсон поднесе оставка, но ќе остане премиер уште некое време

Џонсон изјави дека никој не е незаменлив, порача дека ќе остане премиер до изборот на нов лидер на конзервативците, но праките се множат дека тој мора да замине веднаш


Борис Џонсон кога ја ја објави својата оставка (Фото: АП)

 

ЛОНДОН – Британскиот премиер Борис Џонсон поднесе оставка во четвртокот, признавајќи дека е „јасна волјата“ на неговата партија тој да си оди.

Тој веднаш се повлече од функцијата лидер на неговата Конзервативна партија, но планира да остане како премиер додека се одржува натпреварот за лидерство. Тој рече дека назначил нов кабинет по мноштвото оставки, но многумина го повикуваат да си замине сега.

Тоа е понижувачки пораз за Џонсон, кој успеа да ја изведе Британија надвор од Европската унија и беше заслужен за спроведувањето на една од најуспешните кампањи за масовно вакцинирање во светот за борба против Ковид-19.

Соопштението дојде откако најновиот етички скандал околу лидерството на Џонсон доведе до 50-тина високи пратеници да се откажат од владата и го оставија неспособен да владее.

Говорејќи надвор од Даунинг Сент бр. 10, Џонсон рече дека е „неизмерно горд на достигнувањата на оваа влада“, од „Брегзит“ до водењето на земјата низ пандемијата и водењето на Западот да се спротивстави на руската инвазија на Украина.

Но, тој призна дека „во политиката никој не е незаменлив“.

Џонсон се држеше за власта два дена, пркосно им кажуваше на пратениците во средата дека има „колосален мандат“ од гласачите и дека има намера да продолжи со работата на владата.

Но, тој беше принуден да го признае поразот во четвртокот наутро, откако уште двајца членови на неговиот кабинет се откажаа и еден од неговите најблиски сојузници, шефот на Министерството за финансии Надим Захави, јавно му рече да поднесе оставка за доброто на земјата.

Внатрешните избори за избор на нов лидер на Конзервативната партија, кој ќе биде и идниот премиер, најверојатно ќе се одржат во текот на летото.

Захави, кој беше унапреден претходно оваа недела додека Џонсон се обидуваше да го зачува својот кабинет, рече дека тој и група колеги приватно му ја изразиле својата загриженост на премиерот во средата и тој одлучил да излезе во јавност откако Џонсон го игнорирал советот да поднесе оставка.

„Срцето ми е скршено што не слушаше и што сега ги поткопува неверојатните достигнувања на оваа влада“, рече Захави во писмото објавено на Твитер. „Но, земјата заслужува влада која не само што е стабилна, туку и која дејствува со интегритет“.

Оставките во четвртокот наутро значеа дека 50 секретари на кабинетот, министри и функционери од пониско ниво ја напуштија владата во текот на два дена, честопати обвинувајќи го премиерот за неговиот недостаток на интегритет. Со непополнети повеќе од 20 позиции, кризата ја закочи работата на некои парламентарни комисии бидејќи немаше достапни министри да зборуваат во име на владата.

Џонсон ја водеше Британија преку „Брегзит“ и пандемијата Ковид-19 и извојува голема изборна победа во 2019 година. Но, постојано разбиениот лидер, познат по тоа што ги поздравува критичарите со бомбастични и бурни изјави, исто така беше под тешки критики дека е подготвен понекогаш и да ги крши правилата за постигнување на неговите цели.

Џонсон (58) успеа да остане на власт речиси три години, и покрај обвинувањата дека бил премногу близок со партиски донатори, дека ги штител поддржувачите од наводи за малтретирање и корупција и дека го довел парламентот во заблуда за забавите во владините канцеларии кои ги прекршиле правилата за заклучување на пандемијата.

Неодамнешните обелоденувања дека Џонсон знаел за обвинувањата за сексуално недолично однесување против конзервативен пратеник пред да го унапреди на висока позиција во владата, се покажаа како скандал што отиде предалеку.

Кризата започна кога Крис Пинчер поднесе оставка како заменик-шеф на парламентарната група поради обвинувањата дека пипкал двајца мажи во приватен клуб. Тоа предизвика серија извештаи за минатите обвинувања изнесени против Пинчер.

Џонсон се обиде да ги одврати критиките со променливи објаснувања за тоа што знаел и кога знаел, но тоа само ја истакна загриженоста дека не може да му се верува на премиерот.

Секретарот за здравство Саџид Џавид и шефот на Министерството за финансии Риши Сунак поднесоа оставки во неколку минути еден по друг во вторникот вечерта, што предизвика бран на заминувања меѓу нивните колеги од кабинетот и функционерите од пониско ниво.

Џавид го привлече расположението на многу пратеници кога рече дека постапките на Џонсон се заканувале да го поткопаат интегритетот на Конзервативната партија и британската влада.

„Во одреден момент мораме да заклучиме дека е доста“, рече тој во средата во Долниот дом. „Верувам дека таа точка е сега“. (АП)