Борис Џонсон победи со огромно мнозинство

Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон освои огромно мнозинство места во британскиот парламент – одлучувачки исход на изборите во кои доминираше Брегзитот. Ова би требало да му овозможи на Џонсон да го оствари својот план следниот месец да ја изнесе Британија од Европската Унија.

Денеска се објавени 642 од 650-те резултати, според кои конзервативците имаат 358 места, а најголемата опозициска Лабуристичка партија 203.Џонсон рече дека изгледа дека конзервативците имаат „моќен нов мандат за да го завршат Брегзитот“.

Со оваа победа Џонсон стана изборно најуспешниот конзервативен лидер од Маргарет Тачер, уште еден политичар што беше и сакан и мразен во скоро еднаква мера. Ова е катастрофа за левичарскиот лабуристички лидер, Џереми Корбин, кој доби повици за оставка, дури и пред да се знаат резултатите.

Корбин го нарече резултатот „мошне разочарувачки“ за неговата партија и рече дека тој нема да ги води лабуристите на уште едни избори, но не одговори на повиците да се повлече веднаш.

Резултатот овојпат им донесе најголемо мнозинство на ториевците уште од зенитот на Тачер во 1980-тите и најмал број места за лабуристите уште од 1935 година.