Борис Џонсон ќе се кандидира за наследник на Меј


Поранешниот шеф на британската дипломатија и некогашен градоначалник на Лондон, Борис Џонсон денеска најави дека планира да се кандидира за наследник на премиерката Тереза Меј, по нејзиното повлекување од функцијата.

– Се разбира, ќе се обидам, изјави Џонсон на бизнис собир во Манчестер, одговарајќи на прашањето дали ќе се кандидира за иден британски премиер.

Меј досега не посочи конкретен датум за повлекување од премиерската функција, но најави дека ќе го стори тоа откако „ќе биде обезбедена првата фаза од истапувањето“ на Велика Британија од ЕУ.

Но, аналитичарите во Лондон проценуваат дека ако Долниот дом на британскиот Парламент на почетокот на јуни и по четврти пат го одбие Договорот за Брегзит, што Меј го постигна со Брисел лани во ноември, тоа ќе значи конечен крај за нејзиниот премиерски мандат.

Поради ова, повеќе министри во Кабинетот на Меј и истакнати пратеници од редовите на нејзината Конзервативна партија веќе почнаа неофицијална кампања за изборите за нов премиер.

Џонсон ја напушти функцијата министер за надворешни работи во Владата на Меј лани во јули, несогласувајќи се со нејзината стратегија за Брегзит, по што стана отворен критичар на владината политика за истапување на земјата од ЕУ.