Борел: Немаме намера да ги одвоиме Македонија и Албанија (Видео)
Западен Балкан за прв пат по две години се најде на агендата на европските министри. Жозеп Борел најави уште ден ваков состанок пред почетокот на летото. „Македонија ги исполни условите“, рече Борел
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изјави попладнево дека со министрите за надворешни работи на ЕУ се согласиле дека не постои намера за одвојување на Албанија и Северна Македонија во ЕУ процесот.
Западниот Балкан, денес за првпат по две години, се најде на агендата на министрите за надворешни работи, соопшти Борел и додаде дека нема да дозволи да поминат повторно две години без да се дебатира за регионот кој е клучен за Европската Унија.
Во воведниот говор тој се осврна на Северна Македонија откако се појавија бројни шпекулации дека Скопје и Тирана би можеле да бидат одвоени доколку не се отстрани ветото на Бугарија.
„Имаше согласност во Советот денес дека е потребно забрзување на процесот на реформи поврзани за ЕУ во регионот. Сакаме исто така да се забрза процесот на приклучување и немаме намера притоа да ги одвојуваме Северна Македонија и Албанија“, изјави шефот на европската дипломатија по состанокот со 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.
Борел нагласи исто така дека Европската унија е загрижена поради изјавите за одвојување на Скопје и Тирана и дека ставот во Советот не е променет по ова прашање.
На прашање на МИА дали блокадата за Северна Македонија ги декредибилизира обидите на ЕУ да биде поприсутна на Западен Балкан, Борел одговори дека двете страни треба итно да изнајдат заеднички прифатливо решение.
„Имавме разговор за ова денес, ја слушнавме Бугарија и ги охрабруваме двете страни итно да изнајдат заеднички прифатливо решение. Северна Македонија ги исполнува условите. Земјите членки се одлучија да ги отворат преговорите со Северна Македонија и се надеваме дека Меѓувладината конференција ќе се свика што е можно побрзо по усвојувањето на преговарачката рамка. Министрите за надворешни работи на земјите членки се заложија да туркаат силно за свикување на првата Меѓувладина конференција и да ја усвојат рамката“, изјави Борел.
„Некои министри се жалеа поради ова (долг период без навраќање на регионот). Западен Балкан е голема геополитичка програма. Не станува збор само за пристапувањето. Пристапувањето е дел од решението, но има многу други проблеми поврзани со Западен Балкан. Ние треба да го разгледаме Западен Балкан од геополитичка перспектива и тоа е она што го сторивме денес. Тоа е она што ќе го сториме следната недела со лидерите“, рече Борел, додавајќи дека ги поканил регионалните лидери на работна вечера во Брисел следната недела, следејќи ги стапките на неговата претходничка.
„И им реков на министрите – денес се согласивме за принципите, сега се надевам дека ќе дадете конкретни предлози за да продолжите да напредувате, дури нема да чекаме уште два месеци пред да го поставиме ова прашање на дневен ред. Пред летото, Балканот ќе биде на нашата агенда, доколку има предлози. Ако ги нема, ќе ја чекаме есента. Но, ако има моментум, треба да продолжиме да се залагаме за тоа. Сите министри се согласуваат дека треба да се вклучиме повеќе во регионот“, рече Борел.
Премиерот Заев за време на разговорот со Сасоли упати благодарност до Европскиот Парламент за цела поддршка што континуирано ја дава за Северна Македонија и истакна очекувања таа поддршка да биде уште понагласена во претстојниот период за да се одобри организирање на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ како почеток на процесот за пристапување на земјата во членство во ЕУ.