Борел не сакаше да најави датум за преговори со Македонија

„Не можам да ви ветам датум, но можем да ви ветам волја, а таму каде што има волја има и начин да се најде решение“, порача денес шефот на европската дипломатија


 

„Не можам да ви ветам датум, но можем да ви ветам волја, а таму каде што има волја има и начин да се најде решение“ – порача денес околу преговорите за членство на Македонија со ЕУ високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Тој, освен тврдењето дека почетокот на преговорите со Македонија и со Албанија е приоритет за ЕУ не сакаше да се обврзе за никакво ветување или најава, наспроти инсистирањето на премиерот Димитар Ковачевски дека војната во Украина бара стратешки одлуки од страна на Унијата и дека одлуката да почнат преговорите со нашата земја – треба да биде донесена час поскоро.  

„Сосема го разбирам разочарувањето што многумина го чувствуваат овде во Северна Македонија. Доаѓам од Шпанија, која исто така мораше долго да чека. Но ќе повторам дека преговорите за пристапување со Македонија и со Албанија се висок приоритет за ЕУ и постојано проценуваме дека земјата е подготвена да ги започне. Тоа не е реторичка изјава, туку цврста проценка и заложба, всушност изјава за намера која вели дека тоа е приоритет за нас. Одлуките на владата на Северна Македонија ја поврзуваат уште повеќе земјата со ЕУ, но постои проблем и вие знаете кој, што се обидуваме да го решиме со сите наши капацитети за наговарање и уверување. Еврокомесарот Оливер Вархеји е целосно вклучен во овој процес и разговараме со Бугарија сѐ додека не се се разреши ова прашање. Позитивно е што гледам многу подобро сега дека меѓу двата премиери има поцврста волја да се постигне решение. Билатералните прашања не смеат веќе да загрозуваат никаков процес на пристапување дури и кога се засновани на етничко-лингвистички разидувања. Не можам да ви ветам датум, но можам да ви ветам волја, а ако има волја има и начин да се решат“, рече Борел. 

Иако ја исфали подготвеноста на Македонија да излезе со „цврста и јасна осуда на руската агресија“ во Украина, и иако предупреди дека има опасност од војната со дезинформации во регионот и од странски влијанија за дестабилизација, тој не кажа конкретно како ЕУ ќе помогне да се надминат тие опасности, освен што најави нов четврт пакет санкции кон Русија.

„Најдобар начин да му оддадеме почит на убиениот новинар, кој ја документираше војната во Украина, е да ја кажеме вистината што Кремљ се обидува да ја сокрие. Ова не е само војна за Украина туку и непочитување на меѓународниот поредок. Тоа ве засега вас, ја засега ЕУ и целата рамнотежа. Мора да го кренеме гласот за да и ставиме крај“, рече Борел.

Па, откако ги најави новите санкции, побара Македонија да се усогласи и со нив. 

„Ваша одлука е да се усогласите со санкциите на ЕУ кон Русија. Тоа ве става на патот кон Европа, не само како членка на ЕУ, туку и како одговорна членка на меѓународната заедница, зошто ова е морален избор, а не избор заради калкулации“, оцени Борел, додавајќи дека лично е уверен дека во случајот на Македонија тоа е така. 

Тој потврди дека со премиерот зборувале за пошироките импликации од војната врз регионот и како ЕУ може да помогне најдобро да се справиме со последиците и да го охрабриме духот на граѓаните против агресијата.

„Ова е момент кога треба да заживее процесот на проширување. Знам дека имате одредени очекувања, со право, и јас се надевам дека тоа ќе биде можно“, рече Борел охрабрувајќи нѐ да најдеме заемно прифатливи решенија со Бугарија за отворените билатерални прашања, иако наедно тврдеше дека тие не треба веќе да бидат пречка на простапувањето.

На забелешката дали освен декларативно ќе направи нешто конкретно Македонија да добие датум во јуни или, пак, ќе дозволи уште поголемо зголемување на евроскептицизмот и  странското влијание кај нас, Борел рече дека секако не му е целта да го постигне тоа, дека постојано потенцира дека моментот е сега Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за членство, дека местото на Македонија ѝ е таму, но треба да се најде решение за проблемот со Бугарија.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, рече дека преговорите со Бугарија ги води во духот на новата динамика и донесената резололуција, но дека ни тој не се врзува за датум туку за цели со кои ќе дојде до решение кое ќе биде во духот на европските вредности и ќе го уважува достоинството на двата народи. Притоа, тој рече дека добил уверување од Борел дека денешните разговори ќе ги пренесе во ЕК  со ставот дека час поскоро треба да почнат преговорите со Македонија.  

„ЕУ и сите земји членки треба да делуваат стратешки и да повикаат на интеграција на земјите од Западен Балкан. Состојбата на статус-кво никому не му оди во прилог“, порача Ковачевски. Тој нагласи дека сега станува збор за стратегиско и безбедносно прашање, не само за  пристапување во Унијата, а земјите во регионот се тесно поврзани и, кога има напредок кај една, другите се помотивирани. 

„Војната која се случува во Украина е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Брзата интеграција на Северна Македонија и на регионот ќе обезбедни стабилност и развој. Неопходно е нашата земја да има кристално јасна евопска перспектива, за што очекуваме помош од нашите пријатели како Борел“, му порача Ковачевски на гостинот.