Борел: Не е време за обвинувања, туку за глобална соработка


Министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел изјави дека короновирусот предизвика глобална криза која може да се реши само со зајакнување на солидарноста и соработката меѓу луѓето, регионите и државите.

Тој истакна дека ЕУ помага колку што може во сегашната ситуација и оти секоја помош од надвор е добредојдена.

– Затворање и обид да пронајдете решение самостојно не е начин да одговорите туку само испраќање проблем на соседот, рече Борел.

По видео-состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, посветен на кризата со Ковид-19, Борел повика на засилена глобална соработка и солидарност.

Тој предупреди дека посебно мора да се засили поддршката за земјите со најголем ризик, како што се африканските земји, Иран и Венецуела.

– Во Африка избувнувањето на епидемија лесно може да излезе од контрола, а Иран е втора по големина земја по јачина на епидемијата во светот, каде што ситуацијата станува драматична, оцени Борел.

Шефот на дипломатијата на ЕУ подвлече дека во кризната состојба поради избувнување на пандемијата на Ковид-19, можат да се слушнат многу дезинформации за европската помош за другите земји.

– Ние работиме многу, но тоа не е забележано. Некои земји се жалат дека не им се помогнало, а всушност ние најмногу им помагаме. Ние и понатаму ќе бидеме одговорни партнери и ќе работиме на соработка, а не на натпреварување, рече Борел.

Тој додаде дека секоја помош што доаѓа од земји како Кина или Русија е добредојдена, но исто така истакна дека ЕУ значително и помогна на Кина на почетокот на епидемијата.