Борел: Мирот и соработката се основи на ЕУ


Шефот на дипломатијата на Европска Унија, Жозеп Борел по повод Денот на Европа изјави дека мирот и соработката се основите на ЕУ, но и нејзините односи со светот.

Борел на Твитер по повод одбележувањето на 9 мај, Денот на Европа нагласи дека вековните судири и двете Светски војни ја разурнале Европа, а континентот го оставиле „уплашен, уништен и гладен“.

– Од тие урнатини родена е ЕУ. Оттогаш ние ја засноваме својата иднина на благосостојба, која носи мир и соработка. Денес, повеќе од кога било, тие се основа на нашата соработка со светот, истакна Борел.

ЕУ го одбележува 9 мај како Ден на Европа, во знак на сеќавање на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман, кој на 9 мај 1950 година предложи заедничко производство на јаглен и челик на Франција и тогашна Западна Германија.

Таквата иницијатива беше поддржана од Италија, Холандија, Белгија и Луксембург, при што е формирана Европската заедница за јаглен и челик, која е претходница на денешната ЕУ.