Борел: Клучно е спроведувањето на обврските од дијалогот меѓу Белград и Приштина и усогласување со политиката на ЕУ
Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел вчера по разговорите со шефот на српската дипломатија Марко Ѓуриќ во Австрија, изјави дека усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и спроведувањето на обврските од дијалогот меѓу Белград и Приштина се клучни за интеграција на Србија во тој блок.
Борел во објавата на платформата Икс наведува дека имал добра и конструктивна средба со Ѓуриќ и и се заблагодари на Србија за нејзиниот „вреден придонес“ во мисиите и операциите на Заедничката одбранбена и безбедносна политика на ЕУ.
Како што соопшти претходно денеска Министерството за надворешни работи на Србија, Ѓуриќ во разговор со Борел во Гетвајг, Австрија, рекол дека членството во Европската унија е стратешка определба и приоритет на надворешната политика на Србија.
На средбата, одржана по состанокот на министрите за надворешни работи на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“ и партнерите од Западен Балкан, Ѓуриќ истакна дека Србија ги споделува европските вредности и се залага за нив, како и дека сака да придонесе за мирот, стабилноста и просперитетот на Европа.
Ѓуриќ посочи дека Белград е целосно посветен на дијалогот со Приштина под покровителство на ЕУ, оценувајќи дека во овој момент е потребно, пред се, да се обезбеди безбедноста на српското население и без натамошно одлагање да се спроведат сите обврски од досега постигнатите договори, соопшти Министерството.