Борел ќе им испорача на регионалните лидери уште еден нон-пејпер на менито


Што ќе извади од папката Жозеп Борел на вечерата со регионалните лидери идната недела

Примарната цел на Европската унија во регионот е Србија. Според таа идеја, Србија треба да се стави под покровителство на ЕУ. Другите земји, изгледа, не се со истото ниво на приоритет, барем според овој, четврт нон-пејпер

 

Кога идната недела на вечерата во Брисел со Жозеп Борел ќе седнат шестемина лидери од регионот на менито што го подготвува шефот на европската дипломатија ќе се најде уште еден нон-пејпер. Овој пат од самиот Борел. Барем така тврди загрепски „Јутарњи лист“ и наведува дека главната намера на овој „документ“ е да се стави Србија под покровителство на Европската унија. И да се реши што е можно побрзо косовското прашање. Другите земји од Западен Балкан, барем според овој документ, се на втор колосек.

Според загрепскиот весник Борел наводно им го претставил нон-пејперот на министрите за надворешни работи на земјите членки на состанокот во понеделникот и целта била како Унијата посилно да се ангажира во регионот и да се понуди подобра, посилна европска перспектива за него. „Јутарњи лист“, исто така, тврди дека состанокот идната недела бил организиран на хрватска иницијатива, откако се појави нон-пејперот, наводно напишан од словенечкиот и унгарскиот премиер, Јанез Јанша и Виктор Орбан, во кој се предлагаше распаѓање на БиХ според етнички критериуми.

Борел на својот блог минатата недела напиша како течел состанокот со Претседателството на БиХ пред десетина дена: „Тоа беше тешка средба со бројни напади и меѓусебни обвинувања на тројцата членови“.   

Босна и Херцеговина нема толку голема стартешка тежина за ЕУ како што ја има за САД. Примарната цел на Брисел во регионот е Србија. Се наведува и изјавата од пред една недела на поранешниот словенечки претседател Милан Кучан, кој потврди дека Херман ван Ромпуј, првиот претседател на Европскиот совет, пред десет години му предал документ за состојбата во БиХ. Ромпуј, наводно, на Кучан му рекол дека „вниманието на ЕУ – сѐ додека нема војна – е насочено кон Србија. Србија треба што поскоро да се оспособи и да се прими во ЕУ и таа како регионална сила на Балканот да ја преземе одговорноста за пацификација на регионот“.

Познатиот надворешно-политички коментатор Бошко Јакшиќ од Белград за српски „Блиц“ вели дека и овој последен документ кој доаѓа од ЕУ (после трите на кои не им се знае авторството) е „продолжување на исстражување во темницата“. Според него, „нон-пејперот како дипломатска комуникација им овозможува на официјалните лица да го кажат она што никогаш не би го кажале во официјалните разговори. Така, на пример, Борел никогаш не би рекол дека Србија не е заинтересирана за решавање на косовското прашање и вака тој може да го каже тоа преку нон-пејпер. И тој е во право, мислам дека ниту Србија ниту Косово не се заинтересирани за брзо решавање“.

Јакшиќ вели дека не се чудни идеите Србија да се оспособи да влезе во ЕУ што е можно поскоро:

„И кога зборуваме за демографски и географски поими Србија е важна. Но, мислам дека би било лошо ако се случи тоа сценарио – Србија прва да влезе во ЕУ, бидејќи тоа ќе предизвика негативен одиум кај сите земји спрема неа. Тие ќе се прашуваат што подобро направил Белград и како успел да му се додвори на Брисел. Мислам дека е подобро да се влезе во ЕУ во мини пакет од две или три земји. И најсериозни кандидати за тој пакет се Србија, Црна Гора и Македонија“, вели Јакшиќ.

Сузана Грубјешиќ од белградскиот Центар за надворешна политика вели дека во нон-пејперот прв пат се констатира големото разочарување меѓу граѓаните на Западен балкан околу брзината на пристапувањето во ЕУ и дека мора да се направат поголеми напори да се забрза процесот на пристапување. Според неа, тоа првенствено значи да се забрзаат преговорите со Србија и Црна Гора, да се отворат преговорите со Македонија и Албанија, БиХ да добие статус на кандидат, а Косово визна либерализација. Грубјешиќ нагласува дека тоа е пакетот за Западен Балкан кој би требало да се турка во наредните месеци.

За потсетување – во изминативе неколку месеци се појавија неколку нон-пејпери кои го кренаа на нозе регионот, но и ЕУ, затоа што се испостави дека некој друг, надвор од официјалните институции, се обидува да ја креира иднината на Западниот Балкан и тоа преку прекројување на границите. Едниот беше оној кој му се припишува на словенечкиот премиер Јанез Јанша и според тој документ требало конечно да се заврши распаѓањето на СФРЈ, да се создадат „голема Албанија“ и „голема Србија“. Тој документ беше остро отфрлен и на Балканот и во ЕУ.

Потоа, имаше еден документ зад кој официјално застана Хрватска и се однесуваше на изборното законодавство во БиХ, а третиот беше за Косово. Косовските медиуми пишуваа дека зад тој нон-пејпер стоеле Германија и Франција, што двете земји го демнатираа. Во него се предвидуваше автономен статус за северно Косово, посебен статус за СПЦ, Митровица, но и независност на Косово до која би се стигнала со дијалог. (Н.В.)