Борел ја поздрави победата на Бајден: Шанса за нова пријателска соработка со САД

Белгија – Шефот на европската дипломатија, Јозеп Борел, ја поздрави победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД и оцени дека заминувањето на американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја отвора вратата за соработка на ЕУ со американски претседател „кој Европа не ја гледа како непријател“.

Борел на својот блог напиша дека ќе отстапи од вообичаениот дипломатски протокол и практса на избегнување на изразување на политичка припадност, соопштувајќи дека  едноставно е „воодушевен од резултатот на американските избори“, пренесоа синоќа британските медиуми.

„Не е тајна дека изминатите четири  години беа комплицирани кога станува збор за односите меѓу ЕУ и САД. Тие беа одбележани со бројни политички несогласувања, дури и ерозија и губењето на смислата  на одредени принципи за кои верувавме дека се основа на трансатлантското партнерство“, напиша Борел, поздравувајќи ја подготвеноста на Бајден да го врати единството и да ги почитува демократските норми и институции во духот на партнерството.

„Се радувам на соработката со американскиот претседател, кој во ЕУ не гледа непријатели кои сакаат да извлечат некаква корист на штета на САД“, додаде Борел.