Борел ја повика Русија да го ослободи Навални


Алексеј Навални во затворски комбинезон

Русија- По повод втората годишнина од изрекувањето на пресудата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел денеска ја повика Русија веднаш да го ослободи Навални од затвор, со што ќе ги исполни обврските на Русија од Европската конвенција за човекови права и ќе ги спроведе мерка на Европскиот суд за човекови права со која се бара ослободување на Навални.

Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) извести дека Борел потсетил дека судот во Русија со политички мотивирана пресуда пред две години го осудил Навални, кој беше приведен и уапсен по враќањето од Русија од лекувањето што му го спаси животот во Берлин, по обидот за убиство со труење во Русија во август 2020 година со воен хемиски нервен агенс забранет според Конвенцијата за хемиско оружје, чиј потписник е Русија.
Борел потсети и дека ЕУ најостро го осуди труењето на Навални и воведе санкции за оние кои беа вмешани во обидот за убиство, апсењето, судењето и казнувањето на Навални.

Тој рече дека е „длабоко вознемирувачко“ што извештаите говорат а повеќекратно малтретирање на Навални во затвор, како и дека руските затворски власти го мачат и психички и физички, и посочи дека руските власти се одговорни за неговата безбедност и здравје и дека ЕУ ќе ги повика на таа одговорност.

ЕУ го повторува својот повик до Русија целосно да соработува со Организацијата за забрана на хемиско оружје, да обезбеди непристрасна меѓународна истрага и да ги исполни своите обврски од Европската конвенција за човекови права, вклучително и да се усогласи со привремената мерка на Европскиот суд за човекови права, кој бара итно ослободување на Навални од затвор.