Борел и Вархеи бараат „истрага“ за наводите за изборните нерегуларности во Србија
Штефан Шенах, шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која ги набљудуваше изборите во Србија, изјави дека вистината е шокантна и дека на опозицијата ѝ е украдена победата во Белград
Од течно спроведување на изборите, до остри критики за целиот изборен процес , па дури и обвинувања дека на опозицијата ѝ е украдена побеада во Белград. Вакви изјави вчера и денеска даваа набљудувачите од Советот на Европа и Европскиот парламент за изборите во Србија на кои уште една убедлива победа однесе Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика, Жозеп Борел, и европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеи, изразија очекување дека надлежните државни органи на Србија ќе одговорат на транспарентен начин на веродостојните извештаи за нерегуларности на изборите, кои вклучуват наводи за нерегуларности на изборите во Белград.
Борел и Вархеи рекоа дека во светлината на тие прелиминарни наоди и заклучоци, со загриженост заклучуваат дека изборниот процес бара опипливо подобрување и натамошни реформи, бидејќи правилното функционирање на демократските институции на Србија е во сржта на процесот на пристапување во ЕУ.
Унијата го очекува конечниот извештај на мисијата на ОДИХР и препораките за идните избори, кои треба да се спроведат што е можно поскоро и многу пред следните избори, велат Борељ и Вархеи.
Тие го повикаа српското политичко раководство да обезбеди конструктивен и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро ,денеска на прес-конференција изјави дека Комисијата со загриженост констатира дека е неопходно да се подобри и реформира изборниот процес во Србија.
Таа рече дека се земени предвид прелиминарните наоди на меѓународните набљудувачи на ОБСЕ за изборите одржани на 17 декември.
Европската комисија изрази загриженост за изборниот процес во Србија, имајќи предвид дека правилното функционирање на демократските институции е главниот услов за пристапување на Србија во Европската унија, беше речено денеска на прес-конференција.
На конференцијата што се одржа во седиштето на ЕУ, беше посочено дека Комисијата го очекува конечниот извештај на ОДИХР и препораките за идните избори, кои треба да се спроведат што е можно поскоро и пред следните избори.
Се очекува надлежните органи во Србија на транспарентен начин да достават веродостојни извештаи за споменатите изборни нерегуларности.
Ова ги вклучува наводите за локалните избори во Белград и другите општини, со повик до српското политичко раководство да обезбеди конструктивен дијалог на целиот политички спектар.

Штефан Шенах, шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која ги набљудуваше изборите во Србија, беше исклучително остар. Тој рече дека вистината во Србија е донекаде шокантна, дека изборите не биле фер, дека гласовите биле манипулирани и дека сето тоа е проблем за земја која сака да биде демократска, изјави тој за телевизијата Н1.
„Она што го видовме беше кампања во која доминираше претседателот. Тоа не е работа на претседателот. Претседателот е неутрална личност која треба да гарантира за земјата и за сите луѓе. Но, актуелниот претседател ги водеше изборите и беше кандидат на сите нивоа, без разлика дали тоа беше село или целата република“, рече Шенах.
Тој забележува дека делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа ги следела само парламентарните, а не и белградските избори.
Тој додаде дека при пребројувањето на гласовите видел дека има ливчиња кои се направени во фотокопир и на кои имало печат. „Тоа треба да го истражи полицијата“, рече тој.
Запрашан дали ова се демократски избори, Шенах вели дека сѐ што се случило укажува дека е потребен постизборен семинар и постизборни активности.
На прашањето за изјавата на европараментарецот Владимир Билчик, кој рече дека изборите поминале без проблеми, Шенах вели дека партнерството и демократијата не лежат во убави зборови туку во вистина.
„И вистината беше малку шокантна за она што се случува во вашата земја“, истакна тој.
„Тоа не беа фер избори. Тие беа нечесни. И ако ме прашате мене како политичар, мислам дека победата во Белград ѝ е украдена на опозицијата“, рече Шенах во изјава за Дојче веле.
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, рече дека набљудувачката делегација на ЕП забележала нерегуларности во текот на изборниот ден, но тоа не биле поголеми нерегуларности.
„Она што го забележавме е дека изборите беа добро спроведени, добро управувани. Има некои неправилности кога станува збор за пријавите што ги добивме од местата што ги посетивме за доведување дополнителни гласачи, но не станува збор за голем број гласачи. Исто така, за потенцијалното купување гласови, особено во и околу избирачките места. Но, повторно, ова не беа поголеми инциденти, туку оние што ги набљудувавме во помал обем. Значи, генерално, мислам дека изборите поминаа без проблеми. Затоа сакам да им честитам на граѓаните на Србија што гласаа во поголем број од лани“, изјави Билчик за „Инсајдер“.
Билчик изјави дека е добро што Србија ќе има порепрезентативен плуралистички парламент како резултат на овие републички избори.
Неговата колешка Виола фон Крамон, која беше дел од набљудувачката мисија, има поинакво мислење. Пратениците во Европскиот парламент се подготвени да дејствуваат како посредници меѓу владејачката партија и опозицијата во Белград, со цел да се обезбеди мирен и демократски дијалог и да се намалат тензиите, напиша таа утринава на социјалната мрежа Икс.
Крамон објави заедничка изјава за прелиминарните наоди на меѓународната набљудувачка мисија, во која се наведува дека изборите во Србија се одржале во нееднакви услови, со чести нерегуларности за време и пред денот на изборите, вклучувајќи злоупотреба на јавни ресурси, купување гласови и нарушување на тајноста на гласањето.
„Бевме сведоци на случаи на организирано носење гласачи од Република Српска и заплашување на гласачи. Апсолутно очекуваме повисоко ниво на демократски стандарди од земја која е кандидат за членство во Европската унија и преговара за членство“, нагласи Крамон.
Според нејзината проценка, потребен е меѓународен надзор и целосна истрага на овие наводи.
Шефот на мисијата на ОДИХР, Алберт Џонсон, рече дека прелиминарната изјава на набљудувачката мисија укажува дека изборите биле технички добро спроведени, имало можност за политички алтернативи, но претседателот на државата бил силно вклучен во сѐ и тоа создало нееднакви услови за учесниците на изборите.
За време на кампањата се почитуваат основните слободи, имаше и силна реторика, притисок врз вработените во јавниот сектор и јавните ресурси, изјави Џонсон.
Тој, исто така, посочи дека повеќето национални радиодифузери немаат соодветен пристап до сите учесници во кампањата, што им ја оневозможува можноста на граѓаните да носат одлуки врз основа на пошироки информации.
Гласањето помина без проблеми, но имаше некои процедурални прашања, додаде Џонсон.
Наша работа не е да ги поништиме изборите, рече Џонсон одговарајќи на прашањето кои нерегуларности би биле доволни за да се поништат изборите.
Не сме во позиција да ги мериме ефектите од ваквите практики врз изборните резултати, но прашањата за различните нерегуларности ги разгледавме во нашите препораки, рече тој на прес-конференцијата по изборите.