Борел: ЕУ очекува од Србија и Косово да не ги селат амбасадите во Ерусалим

Европската унија очекува од Србија и Косово да не ги преместуваат своите амбасади во Израел од Тел Авив во Ерусалим, изјави Жозеп Борел, потпретседател на Европската комисија и шеф на дипломатијата на ЕУ.

Како одговор на пратеничко прашање, Борел изјави дека очекува дека и Србија и Косово „ќе постапат во согласност со заложбите на ЕУ“, но и во согласност со нивните европски аспирации.

-Долгогодишниот став на ЕУ е дека со преговорите мора да се најде начин за решавање на статусот на Ерусалим како иден главен град на двете земји и дека мора да бидат исполнети аспирациите на двете страни, наведе Борел, додавајќи дека „прашањето за Ерусалим е прашање на конечен статус“.

-Во согласност со резолуцијата 478 на Советот за безбедност на ОН од 1980 година, со која се повикуваат сите членки на ОН да ги преместат своите амбасади во Тел Авив, сите амбасади на земјите-членки на ЕУ, како и Делегацијата на ЕУ во Израел, се наоѓаат во Тел Авив, објасни Борел.

Тој потсети дека и Косово и Србија ги идентификувале интеграциите во ЕУ како нивен стратешки приоритет.

-ЕУ очекува дека и едните и другите ќе постапат во согласност со оваа определба, кажа шефот на дипломатијата на ЕУ, повторувајќи го ставот дека од Србија во рамките на процесот на преговори за пристапување во ЕУ се очекува „постепено да ги усогласува своето законодавство и политиките кон трети земји со законодавството и политиките на ЕУ.