Борел: ЕУ ќе даде шанса за дијалог со Турција


ЕУ сака да најде начин за поздрави односи со Турција и за таа цел мора да работиме на зачувување на просторот за дијалог, но и на силно застапување на интересите, порача шефот на дипломатијата на ЕУ,  Жосеп Борел.

По неформалниот состанок на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ во Берлин, тој истакна дека ЕУ е јасна кога станува збор за одбрана на сопствените интереси и солидарност со Грција и Кипар во спорот со Турција.

– Турција мора да се воздржи од еднострано дејствување, што е основен елемент неопходен за продолжување на нашиот дијалог, рече Борел.

Според него, ЕУ ќе се потруди да даде шанса за дијалог и тој лично ќе создаде простор за преговори за сите отворени прашања што произлегуваат од „тешките и комплексни односи меѓу  ЕУ и Турција.

– Во исто време, јасно е дека расте фрустрацијата поради турското однесување. Советот на ЕУ затоа покажа политички консензус за забрзување на работата за проширување на списокот на оние кои се одговорни за нелегалното дупчење во Источен Медитеран, рече Борел.

Тој најави дека ЕУ, доколку нема напредок во разговорите со Турција, ќе разгледа дополнителни рестриктивни мерки против Анкара во септември.