Борел: ЕУ да избере меѓу пресудата на Хаг и Израел


Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, по денешната наредба на Меѓународниот суд на правдата (МСП) до Израел веднаш да ја прекине офанзивата на Рафа, изјави дека ЕУ ќе треба да избере дали ќе ги поддржи меѓународните институции или Израел.

„Каков ќе биде одговорот на (ЕУ) на денешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата, каков ќе биде нашиот став? Ќе треба да избереме помеѓу нашата поддршка за меѓународните институции за владеење на правото или нашата поддршка за Израел“, рече Борел.

Покрај денешната наредба на Меѓународниот суд на правдата, Израел веднаш да ги прекине воените операции во градот Рафа, во Појасот Газа, израелскиот министер Бени Ганц, член на Воениот кабинет, рече  дека Израел мора „да ја продолжи борбата“.

Ганц телефонски разговарал со американскиот државен секретар Ентони Блинкен од штабот на израелската армија во Тел Авив, а потоа најавил дека Израел ќе продолжи „да постапува во согласност со меѓународното право“ во Рафа, пренесоа израелските медиуми.

„Државата Израел води праведна и неопходна кампања откако брутална терористичка организација масакрираше наши граѓани, силуваше наши жени, киднапираше наши деца и испука ракети во центарот на нашите градови“, рече Ганц.

Тој тврди дека еврејската држава е „должна да ја продолжи борбата за враќање на своите граѓани“ кои се заложници на Хамас и да ја обезбеди безбедноста на сите граѓани насекаде, вклучително и во Рафа.

„Ние ќе продолжиме да дејствуваме во согласност со меѓународното право во Рафа и каде и да оперираме ќе правиме напори да избегнеме повреди на цивили, не поради Хашкиот трибунал, туку пред се поради тоа кои сме ние“, рече Ганц, поранешен началник на Генералштабот на Израел.