Борел до балканските лидери: Ангажманот на ЕУ оди подалеку од проширувањето
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, на неформалната вечера со шестемина лидери на Западен Балкан ги убедувал гостите дека иднината на регионот е многу важна за Унијата од геополитички причини.
Во соопштението на неговата служба по вечерата се вели дека „во отворена и искрена атмосфера, високиот претставник и лидерите на Западен Балкан имаа стратешки размислување за начините за забрзување на реформите за остварување на очекувањата на граѓаните за интеграција во ЕУ, како и за приодите за зајакнување на позитивните и конструктивните наративи во и за регионот. Тие се согласија дека интеграцијата во ЕУ на Западен Балкан е клучна стратешка цел во заедничкиот интерес на Европската унија и на регионот“.
Лидерите ја потврдиле својата силна посветеност на регионалната соработка и се согласија да продолжат да ги решаваат глобалните предизвици, како што е пандемијата на Ковид-19. На вечерата присуствувал и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи.
Пред почетокот на средбата Борел изпрати и посебна порака во која нагласи дека со тоа ја продолжува традицијата на неговата претходничка Федерика Могерини.
„Мора да го разгледаме широкиот политички пејзаж на регионот. Не само од гледна точка на приврзаност, членство во Европската унија, туку и од геополитички пристап на целиот регион.
Ние направивме минатата недела на Советот за надворешни работи нешто вакво, но ова беше официјален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, каде што се согласивме дека Западен Балкан е еден од највисоките приоритети на Европската унија и се согласивме да ја зголемиме нашата посветеност на регионот и да ја направиме видлива.
Министрите за надворешни работи на ЕУ исто така го поддржаа нашиот силен и широк опсег на политички ангажман. Повторувам, тоа оди подалеку од проширувањето… Главната цел е да контактираме со нашите регионални партнери, да ги слушаме нивните ставови, да ги разбереме нивните грижи, да ги разбереме нивните идеи и да размислиме заедно за тоа како можеме подобро да работиме заедно за нашата заедничка иднина“.
На вечерата присуствувале премиерите на Македонија, Србија, Албанија и Косово, Зоран Заев, Ана Брнабиќ, Еди Рама и Албин Курти, црногорскиот претседеател Мило Ѓукановиќ и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.
Српската премиерка Ана Брнабиќ по вечерата изјави дека атмосферата била коректна и дека немало провокации. Таа исто така спомена дека многу теми се нашле на масата оваа вечер.
„Разговаравме за важни прашања, и за политички и за економски, но ми се чини, сите позитивно, да се фокусираме на подобра иднина и што можеме да сториме за граѓаните во регионот на Западен Балкан да живеат подобро“, рече Брнабиќ за српските медиуми.
Според неа, се разговарало и за инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан. Брнабиќ изјави дека во текот на вечерта се разговарало за разни „нон-пејпери“, но дека не се одело во детали.