Борците бараат враќање на спомен бистите на народните херои од НОВ во Тетово


Општинската организација на Сојузот на борците од Тетово повторно бара општината да ги врати на јавен простор спомен бистите на народните херои Тодор Циповски Мерџан и Ѓоце Стојчевски Амбарче кои во 2005-та година беа отстранети поради реконструкција на плоштадот. Тетовската организација бара општината да ги постави кај Споменикот на револуцијата, што се наоѓа до Центарот за култура „Иљо Антески Смок“.

-Потсетуваме дека годинава се одбележуваат 75 јубилејни години од ослободувањето на Тетово и дека е вистинско време да се вратат спомен бистите на народните херои. Општинската организација е решена да се стави крај на оваа прашање и бистите да се постават онаму каде што биле на јавен простор наместо да стојат во депоа, изјави претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци Јоцко Димитриевски.

Исто така од организацијата повторно бараат општината да учествува во организирање и одбележување на настаните од народно-ослободителната војна, наместо досегашното одбегнување на овие моменти од историјата на градот.

-Ние имаме утврдено програмски активности за одбележување на 9 мај Денот на победата над фашизмот, 2 Август, 11 октовмри и 19 ноевмри Денот на ослободување на Тетово. Се надеваме дека општината ќе даде придонес во одбележувањето- вели Димитриевски.

Обележјата од НОВ како Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово често се мета на вандализирање.