Борбата против корупцијата бара целосна посветеност, вели Гир


 

Борбата против корупцијата заедно со другите елементи на јакнење на владеењето на правото е во сржта на процесот на проширување на ЕУ и бара посветеност од земјата во целост. Владата, парламентот, правосудството се главните протагонисти во таа борба и мора да служат како пример. Иако забележуваме одреден напредок, чекорот на реформите во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата останува разочарувачки.

Ова го истакна шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир на денешниот состанок на кој заедно со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, беше разгледан напредокот во исполнувањето на препораките на Европската комисија во борбата против корупцијата.

Гир нагласи дека Извештајот за земјава од минатиот октомври обезбедува јасни насоки што треба да се направи и кои се приоритетите, но досега, поред него, малку е постигнато на тој план. 

„ДКСК и Државниот завод за ревизија вршат важна работа, но на препораките од овие тела во конкретни случаи често не се постапува. Исто така, и нивото на имплементација на Националната стратегија за борба против корупција останува незадоволителна и претставува само 10 проценти според минатогодишниот извештај на ДКСК. Во оваа Стратегија има јасни и прецизни задачи за секоја институција присутна на состанокот. Трансформирањето на добрите намери во дела бара напорна и заедничка работа и соработка. Можете да сметате на нашата поддршка. Заедно со силната политичка посветеност почнувајќи од највисокото ниво преку институциите, потребни се засилени напори на Владата, на министерствата, на општините и државните институции за постапување согласно тие препораки. Но, парламентот исто така има своја улога. Фактот дека сѐ уште не е разгледан Извештајот за имплементација на Националната стратегија за борба против корупција на ДКСК за 2021 година е обесхрабрувачки“, рече Гир.

Според него, потребен е напредок во јакнење на антикорупциската законска рамка и пред сѐ во нејзината имплементација. Во таа насока Владата, опозицијата и собранието, мора да работат заедно.  

Тој нагласи дека судството има клучна улога во борбата против корупцијата и затоа треба да биде независно и професионално, а судиите и обвинителите да делуваат со интегритет ослободени од политички влијанија или финансиски стимулации.

„ЕУ и нејзините земји членки инвестираа многу за поддршка на владеењето на правото и борбата против корупцијата во земјава. Навистина, сега е време Северна Македонија и нејзините институции да испорачаат понатамошни конкретни опипливи резултати, пред сѐ заради граѓаните, но и заради напредок на патот кон ЕУ“, порача евроамбасадорот Дејвид Гир. 

Генералната оценка за исполнувањето на препораките од Антикорупцискта комисија се однесува на сите институции коишто имаат обврски во Националната стратегија за борба против корупцијата. Тоа не е само Владата, тука се Парламентот и останатите институциите кои треба многу посериозно и многу посветено да си ја преземат одговорноста за исполнување на обврските, изјави на новинарско прашање вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

Прашана во однос на забелешките од Гир за состојбата со корупцијата дека се потребни конкретни резултати, Грковска рече дека е прашање на истражните органи да докажат корупција, и дека таа покажале непристрасност и остро реагирала на одредени одлуки од страна на различни институции и органи, вклучително и од правосудството коишто, вели, носат штета на целото општество. 

„Прашање е прво на истражните органи да докажат корупција. Во првиот момент кога ќе докажат корупција, јас ги охрабрувам и цела година измината да го направат тоа. Меѓутоа, ние како Кабинет покренавме одредени случаи коишто понатаму се процесуирале. На крајот е на правосудните органи да одлучат каков ќе биде исходот од документите и наодите што стигнале до нас како Кабинет“, рече Грковска.