Борбата против корупцијата треба да биде регионална


Имаме меѓународна поддршка, но на сите нас останува да ја забрзаме имплементацијата на таргетите што ги имаме поставено за доброто на нашите општества, на сите граѓани, за доброто на сите нас, истакна вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска во изјава за медиуми на денешната Регионална конференција за борба против корупција.

Вицепремиерката рече дека со денешната регионална конференција, која ја манифестира соработката на сите антикорупциски институции во регионот, ја покажавме политичката волја на регионално ниво за борба против корупцијата и организираниот криминал.

Претседателката на Транспаренси Интернешнал, Слаѓана Тасева, изјави дека следењето на нелегалните финансиски трансакции е еден мултилатерален договор, неформален и неофицијален, што го потпишаа и се согласија да го поддржат државите од Западен Балкан, кој содржи конкретни мерки за борба против корупцијата, посебно при јавните набавки и активности кои државите треба да ги спроведат за следење на нелегалните финансиски трансакции и подобрување на конфискациите.

Според неа, особено се значајни мерките кои значат регионална соработка, затоа што криминалот и корупцијата стануваат транснационални, фондовите сѐ повеќе се одлеваат преку границите од државите и одат надвор, но и луѓето кои живеат во овој регион многу често имаат или двојни државјанства или конекции со луѓе кои живеат во регионот.

– Затоа е неопходно да се поврзат сите институции кои делуваат во борбата против корупцијата и перењето пари со тоа што ќе можат и меѓусебно да ги разменуваат информациите, вклучително и информациите за имотните состојби, информациите за поседување на различен имот, кога е потребно за одредени лица или за финансиски трансфери што се однесуваат на лица кои имаат и двојни државјанства, формираат компании и многу често можат да го прикријат имотот и своите трансакции во рамки на регионот, рече Тасева.