„Бомбите“ за „Монструм“ не направија бум: ВМРО и ДУИ ловеле политички поени


Јавноста конечено ги слушна долгонајавуваните „бомби“ за случајот „Монструм“ кои требаше да ја расветлат вистината за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, но не се слушна ништо суштинско во ниту една од нив. Вчера во судницата не се слушнаа ниту мотивите ниту кој стои зад грозоморното убиство, а единствено можеше да се слушнат озборувачките муабети меѓу поранешните функционери и како поранешните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, го користеле овој случај за добивање политички поени.

Она што можеше да се дознае за убиството беше дека наводно било извршено професионално, од радикални структури кои се обучувале во странство, а нивни ментори наводно биле Шукри Алија и Алмир Дрпљанин. Целата операција за апсење ја водела Управата за безбедност и контраразузнавање и „телефонистот“, тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, бил особено горд на брзото откривање на убијците. Целата операција се водела во консултации со американската амбасада, а со нив се правеле консултации и за изјавите кои се давале во јавноста.

На вчерашното рочиште дојдоа родители на убиените момчиња. Кај нив се уште постои сомнеж дека некои разговори се скриени и не можат да сфатат како Министерството за правда не може никако да ги екстрадира првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Ним не им беше лесно да слушаат како политичарите се пазареле со петкратното убиство, но и потврдата од тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека „досега во историјата на Македонија немало потежок случај, па ниту во за време на војната“ бидејќи во еден ден беа убиени петмина невини цивили. Полицијата набргу ја најде „опел омегата“, автомобилот со кој се превезувале убијците, но за сите соговорници за „Монструм“ е зачудувачки што автомобилот бил оставен и не бил запален за да се уништат сите биолошки траги. Поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески во еден од разговорите објаснува дека убиените деца биле мирни и дека постариот рибар бил убиен бидејќи бил сведок на нивното убиство. За убиството информации од прва рака, односно од директорот на УБК, добива и бизнисменот Орце Камчев кој муабетите ѝ ги пренесува на новинарката Оливера Трајковска. Неговите информации се дека станува збор за професионалци кои повозрасниот рибар го убиле додека се пакувал, со калашников на оддалеченост од 30 метри. Двајцата соговорници анализираат дека станува збор за вахабисти и дека на овие структури мозокот им го перат некаде во странство.

За убиството е загрижена и мајката на тогашниот премиер Никола Груевски, Нада Груевска, која му давала совети на својот внук, Сашо Мијалков, како да ја води истрагата. „Нема никакви траги, нема мотив. Ова е професионално анализирано правено“, му вели Груевска на својот друг внук од брат, Влатко Мијалков, кој ја теши дека, сепак, нема совршено убиство. Свое мислење има и гатачката на Груевски, Катерина Најденова, која разговара со неговата секретарка, Ленче Самарџиска. „Ова нема да биде добро за нас, пак ќе излезе дека се вплеткани некои униформирани лица“, предвидува гатачката.

Коалициските игри за овој случај ги водат Јанкулоска и тогашниот министер за правда, Блерим Беџети. Тој бара од неа да биде ослободен еден од уапсените во првите групи по убиството за нелегално поседување на оружје бидејќи бил тешко болен. Изговорот на Јанкулоска е дека мора првин за ова да се консултира со Мијалков бидејќи случајот го води УБК. Сепак, најголема грижа на двете партии е како да извлечат повеќе полза од овој случај и да не им нанесе никаква штета. Во еден од разговорите тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски-Радникот, го известува Мијалков дека Беџети како министер за правда не сака да ја потпише екстрадицијата за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и се консултираат како да го притиснат да ги потпише документите. Беџети во разговор со Јанкулоска сепак открива дека ќе ги потпише документите и ќе ги прати во Приштина, но од неа бара да не се одржи ниту едно рочиште за судењето до април, кога беа локалните избори. „Не може да се калкулира со документите, мора да се испратат, потоа може да калкулираме со денот кога да се случи екстрадицијата, може да калкулираме со рочиштата, да изменаџираме да нема рочишта до изборите“, му вели Јанкулоска на Беџети.

Задолжен за тоа да нема никакви активности до изборите во судот е Мијалков. Поранешниот премиер се интересира кај Јанакиески дали навистина тој се видел со еден од обвинетите во „Монструм“, Фејзи Азири, и бара од него да провери дали е точно дека некое земјиште кое било во сопственост на земјоделската задруга „Белимбегово“ нелегално му било дадено на некој Албанец од „Монструм“, најверојатно мислејќи на обвинетиот Фејзи Азири. Во разговорите се споменуваат и екстрадициите на Дрпљанин и Шукри Алија. Поранешните функционери, а особено Јанкулоска, се најсреќни кога Љупчо Тодоровски-Радникот ги известува дека Исмаиловиќ и Демири се фатени на Косово, а Мијалков веднаш му се јавува на тогашниот уредник на телевизија Сител, Драган Пвловиќ-Латас, веста веднаш да ја пласира на телевизија. Овој случај политички го искористи и сегашниот премиер Зоран Заев, кој рече дека поседува „бомби“ кои ќе ги откријат вистинските извршители на случајот, а потоа ретерираше.

Вчера во судницата се презентираа вкупно 25 телефонски разговори, а наредните рочишта ќе се презентираат уште 133.000 транскрипти, СМС-пораки и други документи. Сепак, и во нив не се очекува ништо ново, единствено е можно обвинителите во овој случај да ја сменат правната квалификација. Правниот застапник на семејствата Дафинка Ивановска вели дека додека родителите чекале некаква правда, „бомбите“ откриле дека власта влијаела на судството.

„Чудно ми падна како може такви големи предмети, тајни истраги, да се кажуваат на луѓе кои не се дел од истрагата, конкретно на Орце Камчев и Оливера Трајковска. Најмногу ми падна тешко што власта влијаела, во трети месец 2013 година, дали да се одржуваат рочиштата за ‘Монструм’. Како да не се одржуваат, што покажува како власта влијаела на судството додека родителите доаѓаа секој ден на судење, очекуваа нешто сериозно, правната држава да си ја врши секој својата работа. Непримерно е власта да има влијание врз судството“, изјави Ивановска.

Обвинителката во овој случај Фатиме Фетаи рече дека нема да дава анализа на она што се слушнало и тоа го најави во завршниот збор.

Фетаи и нејзиниот колега Гаврил Бубевски првпат дојдоа на судење како обвинители од републичкото јавно обвинителство, откако јавниот обвинител, Љубомир Јовески ги овласти да продолжат да го застапуваат „Монструм“. И по седум години од петкратното убиство, не се откриени мотивите и не откриено дали првично осудените се оние што го извршиле убиството.

Фросина Факова-Серафиновиќ